Македонија
15. јуни 2017 - 18:31

ВМРО-ДПМНЕ: Џафери да го гарантира правото на говор на секој пратеник

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција апелираше претседателот на Собранието Талат Џафери да не ја злоупотреба позицијата и да го гарантира правото на говор на секој пратеник.

Пратеникот Зоран Илиоски, осврнувајќи се на денешната седница која кратко беше прекината откако Џафери побара од обезбедувањето да го отстрани од говорница пратеникот Владимир Ѓорчев, рече дека никој во Собранието нема право да му го одземе право на говор на ниту еден пратеник.

Илиоски посочи дека побарале по итна постапка да се одржи седница на која што ќе се разгледува состојбата со загадувањето на депонијата во Струга, но оти претседателот на Парламентот се обидел да се изземе од одговорност, иако Деловникот за работа предвидува можност да се свика итна седница. 

- На ова барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ колегата Талат Џафери се обиде да се изземе од одговорност да постапи по нашето барање иако Деловникот за работа предвидува можност тој да свика итна седница и да побара информација од засегнатите институции во врска со овој проблем. Џафери на крајно недемократски начин се обиде да ја затвори оваа тема и не дозволуваше порцедурални забелешки на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, рече Илиоски.

Тој додаде дека Собранието е должно да побара информации од владините институции за тоа што се случува во Струга и да достават информации што е преземено за да се санира овој проблем.