Македонија
6. јуни 2017 - 17:48

ВМРО-ДПМНЕ: Новата Влада на Заев е антиреформска

ВМРО-ДПМНЕ смета дека новата Влада на Зоран Заев наместо да биде реформска, е анти-реформска и оти наместо со подготвени и квалитетни кадри, таа изобилува со министри полни со кривични пријави без никакво респектабилно искуство.




- Зоран Заев ветуваше фокус на економијата, а во реалноста бега од одговорноста. Од тројца министри без ресор, задолжени за привлекување странски инвестиции, ниту еден, повторувам ниту еден не е од СДС, ниту пак има некакво меѓународно искуство. СДС не може да избега од одговорноста за реализација на ветувањата што ги даде за изборите. Привлекувањето странски инвестиции се исклучително важен сегмент во развојот на економијата кој не смее да биде занемарен.

 СДС се откажа од овие суштински и одговорни позиции, но тоа што уште повеќе загрижува е кадровскиот потенцијал на тимот што ќе работи на привлекување на странските инвестиции, истакна на денешната прес - конференција Кристијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.



Тој потенцира дека секој потенцијален инвеститор, пред да одговори позитивно на поканата за состанок, прво ќе се обиде да ја провери биографијата на промоторот или лицето со кое треба да се сретне, по што, како што истакна, ќе следи првиот шок кога ќе се впише името на министерот без ресор Рамиз Мерко или Аднан Ќахил.

- Министерот за странски инвестиции Рамиз Мерко е еден од министрите за кои има богато ЦВ, но не на професионален план, туку за прекршување на законот. Медиумите пишуваа дека неговите проблеми со законот започнале уште во 1998 година кога е обвинет за фалсификување патна исправа, додека пак во периодот од 2006 до 2015 година има заработено дури 10 кривични пријави, и тоа сите за злоупотреба на службена положба и овластување, истакна тој.

Додаде дека ваквата биографија е потценување на компаниите и нивните бордови, бидејќи, како што рече, доколку тие пребараат податоци за него на Гугл меѓу првите наслови излегуваат вестите во кои новиот министер за странски инвестиции е обвинет за злоупотреба на 70.000 евра општински пари, и тоа обвинение од страна на неговиот коалиционен партнер Зијадин Села. 



Затоа, сметаат од партијата, никој од инвеститорите од типот на Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Дрекслер Маер или Кромберт и Шуберт нема да му верува на Мерко.

Споротивно од лицата кои се во владата на СДСМ задолжени за инвестиции, рече Делев, ВМРО-ДПМНЕ претходно имал назначено искусни менаџери кои уживаат висок кредибилитет меѓу бизнис светот надвор од Македонија, како Веле Самак, Виктор Мизо, Бил Павлески, Џери Наумоф.

Економскиот тим за привлекување странски инвестиции на ВМРО-ДПМНЕ предводен од овие луѓе, истакна Делев, изминативе години донесе 10-тина мега компании кои отворија над 30.000 директни работни места и им дадоа простор на домашните компании за развој и отворање на индиректни работни места.

Тој додаде дека граѓаните не ги интересираат партиските пазарења, туку оти ги очекуваат исполнувањето на економските етувања за  64.000 нови работни места во приватниот сектор, просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари, инвестициите во нови 500 километри автопат и ветената повисока стапка на раст на економијата од најмалку 5 проценти годишно.