Македонија
26. јуни 2017 - 16:28

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ врши притисок врз судството

СДС работи на промена на персоналниот состав на судскиот совет и сака да инсталира партиски кадри за целосна и апсолутна контрола и да креира уште една алатка за пресметка со своите политички неистомисленици, изјави на денешната прес-конференција Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.

- СДС и премиерот Заев освен политички имаат и личен мотив за тоа. Јавноста добро го знае видеото од кое се гледа како актуелниот премиер Заев бара мито од 200 илјади евра и против тоа се води случај на суд, но и случаите Глобал, Цареви кули, Тендерите во општина Струмица. Затоа е потребно контролирано судство, за личен спас, но и креирање на  монтирани случаи, изјави Ристовски.

Против Заев, продолжи тој, се водат судски предмети кој што доколку се докаже вина, согласно законот треба да подложи на тешка правна санкција.

- Изминативе години сите законски решенија и реформи кои ВМРО-ДПМНЕ ги направи во судството и судскиот систем беа усогласени со ЕУ и произлегоа од процесот на прилагодување на европската регулатива. Сега очекуваме реакција од ЕУ на планот на СДС за партизирање на судството, истакна Ристовски.

Нагласи дека ова што сега сака да го направи СДСМ е веќе видено и дека имаме искуство во кои што Македонија доби 617 судии со едно гласање без присуство на опозицијата кога токму СДСМ управуваше со државата.

- Тоа партиско судство ја амнестираше најкриминалната транзиција во Jугоситочна Eвропа, за која никој не одговaраше. И денес е истата намера, и денес СДС сака да се врати времето кога судските пресуди се диктираа во партиските кабинети. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи поништување на правниот поредок во државата, изјави Ристовски.