Македонија
1. May 2019 - 15:36

Во Берово, Пехчево и Делчево во вториот круг ќе гласаат 440 болни и изнемоштени лица

 Во општините Берово, Пехчево и Делчево во вториот круг од претседателските избори ќе гласаат вкупно 440 болни и изнемоштени лица.

Дополнителни 44 болни и изнемоштени лица од општина Берово ќе гласаат во домашни услови во вториот круг од претседателските избори. Со оние од првиот круг, бројката на болни и изнемоштени лица кои ќе гласаат се искачила на 140, информира претседателот на Општинската изборна комисија во Берово, Мишо Догазански.

– Во првиот круг од гласањето имавме регистрирано 98 болни лица на кои се додава оваа дополнителна бројка од 44 лица, со што добивме бројка од 142 лица. Во меѓувреме двајца од болните починаа, па така бројот на гласачи кои в сабота ќе го дадат својот глас за еден од кандидатите за претседател изнесува 140 болни и изнемоштени граѓани, соопшти Догазански.

Во соседната општина Пехчево, како што информира претседателот на ОИК, Горанчо Котевски, во првиот круг гласале 46 болни и изнемоштени лица, на кои во вториот круг ќе се додадат уште 17 граѓани, со што вкупно 63 гласачи од Пехчево своето право на глас ќе го остварат в сабота.

Најмногу регистрирани болни и изнемоштени лица кои побарале да гласаат во домашни услови, вкупно 237 има во Делчево, соопшти претседателот на ОИК, Владимир Петровски.

– Во првиот круг 192 болни и изнемоштени лица беа пријавени за гласање во сабота. На оваа бројка имаме и нови 45 барања за гласање во домашни услови кои се прифатени, па така во Делчево во вториот круг од претседателските избори своето право на глас ќе го остварат вкупно 237 болни и изнемоштени граѓани, соопштува Петровски.

Во соседната општина Македонска Каменица бројот на болни и изнемоштени лица кои ќе гласаат во вториот круг од претседателските избори ќе биде соопштен во текот на утрешниот ден