Македонија
6. March 2022 - 9:07

Во Бигорскиот манастир ќе се одржи Умилителна вечер на простувањето

Во познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител“, познато како Бигорски манастир, со благослов на епископот Антаниски, г. Партениј, старец и игумен на Свештената Бигорска Обител, денеска ќе биде одржана традиционалната Умилителна вечер на простувањето.

– Пристигнувајќи пред самите двери на Четириесетдневното посно патешествие, во Свештената Бигорска Обител ќе биде отслужена традиционалната Умилителна вечерна на простувањето во недела, на шести март, со почеток во 16:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на св. Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување, информираше сестра Ефимија.

Таа додава дека исповед кај г. Партениј и другите духовници од манастирот ќе има преку сите викенди и обични денови за постот, со исклучок за време на Тримирот.

– На сите нека им е благословен почетокот на Великиот пост, едни со други да се помириме и да си простиме. Не можеме да постиме доколку не се измириме и не им простиме на сите. Да им простуваме особено на оние на кои ни е тешко да им простиме, тука е подвигот на христијанската љубов, порачува сестра Ефимија.

Традиционално во годините пред пандемијата со Ковид-19, пред и на Прочка, Бигорски беше преполн од верници, посебно масовно прсуство имаше на неделната умилителна вечерна на простувањето.

– Ги замолуваме богољубивите Христијани кои сакаат да земат учество во празничните богослужби, да ги почитуваат препорачаните мерки за заштита од корона вирусот, посочува сестра Ефимија.