Македонија
18. April 2020 - 19:31

Во Битола полицискиот час искористен за дезинфекција на градот

Празните улици за време на полицискиот час, денеска во Битола се искористија за масовна дезинфекција на целиот град. Рано утрово околу 30-тина возила ги полнеа цистерните од пред противпожарната единица и заминаа низ сите делови од градот. Покрај возилата и механизацијата на јавните претпријатија, поддршка добија и од приватни компании, но и од индивидуални земјоделци од околните села во Општина Битола кои дојдоа со своите трактори за да помогнат во дезинфицирањето на градот.

-Се покажа дека навистина само така може да се делува успешно, денес покрај масовна дезинфекција на целиот град како и минатата сабота, влегуваме дополнително и во станбените колективни единици, а потоа оние кои се дојдени како припомош од руралните средини, со полни цистерни ќе се вратат во своите населени места за да извршат дезинфекција и во својата средина, изјави НАТАША ПЕТРОВСКА, ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА.

Покрај механизацијата, дезинфекција се вршеше и со рачни пумпи.

-Заради тоа што ќе се врши прскање и внатре во станбените згради, ангажиравме 65 луѓе кои со рачни пумпи ќе вршат дезинфекција внатре во влезовите, пешачките патеки и тротоарите. Од друга страна се ангажираа дополнителни 4 цистерни и 23 трактори, една метларка за она што значи прскање и дезинфекција на јавните прометни површини, коловозите, влезовите во градот и сите места каде што се движат граѓаните, изјави ПАНДЕ БОГОЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ЈП КОМУНАЛЕЦ.

Комуналец продолжуваат со постојаната дезинфекција на сите јавни прометни површини за време на полицискиот час. Инаку, со цел зголемување на степенот на заштита на населението од вирусот Ковид 19 вчера заврши поставувањето на дезинфекционите рампи на влезовите во градот.