Македонија
8. February 2020 - 13:51

Во Центарот за јавно здравје од Кочани регистрирани 60 болни од грип

Само за една недела Центарот за јавно здравје од Кочани регистрирал 60 случаи на сезонски грип кај граѓаните од осумте општини во регионот што го покрива.

Според евиденцијата на Центарот, најголем број од лицата се на возраст меѓу 15 и 60 години, тие ја примаат пропишаната терапија и нивната здравствена состојба се следи, но во наредниот период се очекува покачување на бројот на заболените.

-Лицата со симптоми на грип се пријавени во петтата недела од тековната година, иако во претходниот период немаше ниту еден пациент. Од нив во Делчево имаме 29 пациенти, во Кочани 15, Виница девет, Берово шест и еден е во Пехчево. Наша оценка е дека максимумот на заболени од грип сѐ уште не е достигнат и очекуваме тоа да се случи кон крајот на овој месец и почетокот на март, истакна Горан Николов, епидемиолог во Центарот за јавно здравје.

Како превентива против грипот за оваа сезона во Центарот за јавно здравје во Кочани веќе се потрошени околу 4.500 вакцини, но останати се доволни количини за заинтересираните граѓани кои досега не се вакцинирале.

Со оглед што временските услови се поволни за ширење на вирусот и за зголемување на бројот на заболени, од Центарот за јавно здравје препорачаа граѓаните со симптоми на грип веднаш да се пријават кај матичните лекари.