Македонија
22. March 2020 - 13:45

Во Дебар и Центар Жупа се почитуваат владините мерки за заштита од коронавирусот

Изминатово деноноќие, безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, е стабилна. Не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, полициските службеници преземаат најстроги рестриктивни мерки со цел доследно спроведување на мерките на Владата и заштита на граѓаните и спречување на ширење на коронавирусот.

Како што соопшти МВР, непречено се реализираат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

-Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини, наведува МВР.

Воедно апелира, граѓаните да се придржуваат до сите мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот. Сите кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.