Македонија
13. January 2017 - 13:51

Во февруари оценување на Националниот статистички систем

Корисниците се генерално задоволни од услугите на Државниот завод за статистика (ДЗС), покажуваат резултатите од досега спроведените три анкети, во 2009, 2012 и 2015 година.

Како што соопшти денеска заменик-директорот Дејан Станков, по последното истражување на јавното мислење, ДЗС ја редизајнира интернет страницата и ја направи многу подостапна.  

- Секое мислење за нас е релевантно и ние се трудиме да направиме одредени промени, особено онаму каде што се нотирани какви било слабости. Интересно е што јавноста, кога има потреба, главно користи и се повикува на статистички податоци за земјава од Евростат, иако тие се практично наши, изготвени од Државниот завод за статистика, валоризирани преку Евростат, рече Станков.

Следната анкета за мислењето на корисниците е предвидена за 20 јануари овој месец, додека подобрувањето и унапредувањето на веб страницата се планира за 2018 година. 

Прашалници за тоа колку се задоволни од услугите на ДЗС, им биле доставени на претставници од бизнис заедницата (стопанските комори, деловните субјекти), науката (универзитетите, посебно економските факултети), студентите, медиумите,... 

- Официјалните сататистички податоци, од ДЗС, се со висок квалитет и меѓународно споредливи. По тоа се разликуваат од оние што може да се најдат на интернет во секое време, кои најчесто не се добиени согласно соодветните процедури, потенцира заменик-директорот.

Тој информира дека од 13 до 17 февруари годинава ќе се спроведе т.н. Партнерско оценување на Националниот статистички систем на Република Македонија од страна на експерти-евалуатори од Евростат.

- Во процесот на оценувањето посебен акцент ќе биде ставен на оценувањето на Државниот завод за статистика како носител и координатор на Националниот статистички систем, но и на другите чинители кои дејствуваат во негови рамки, истакна Станков.

Партнерско оценување во Македонија се спроведува вторпат, првото беше во 2010 година како дел од проектот со кој беа опфатени земјите - кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ, како и земјите од Европската програма за соседство. Тогаш беа земени предвид седум од вкупно 15 принципи на Кодексот за работа на Европската статистика.

- Со новото оценување ќе се земат предвид сите 15 принципи: стручна незавизност, мандат за прибирање податоци, адекватност на ресурсите, посветеност на квалитет, статистичка доверливост, непристрасност и објективност, стручна методологија, статистички процедури, умерено оптоварување на давателите, ефективност на трошоците, релевантност, точност и веродостојност, навременост, кохерентност и споредливост, достапност и јавност, објасни Станков.

Објективно оценување на напредокот во усогласувањето со Кодексот, јакнење на капацитетот за производство на висококвалитетна статистика, идентификација на областите за натамошно усогласување, подобврување на транспарентноста и кредибилитетот на статистичкиот систем и истакнување на европските иновативни практики, се главните цели на Партнерското оценување што ќе се спроведе во февруари годинава.