Македонија
24. March 2024 - 16:54

Во ЈКП-ја нема млад кадар, иднината на комуналниот сектор е неизвесна

Над 92% од вработените во јавните комунални претпријатија се постари од 35 години, а само 7,35 % се под оваа старосна граница, покажаа резултатите од истражувањето на АДКОМ, а презентирани на годишната конференција „Денови на комунални услуги“. Најеклатантен пример за итната потреба од вработување на млад кадар е комуналното претпријатие „Еремија“ од Вевчани, со 11 вработени, со просечна старост од 56 + години.

- За брзо време, доколку не се преземат некои чекори, да се мотивираат младите кадри, да се вработуваат во јавните комуални претпријатија, конкретно нашето, ќе се соочи со неможност за нормално функционирање, затоа што постоечките кадри заминуваат во пензија и доколку не се вработат нови кадри, не ќе може да функционира претпријатието- изјави  Јасмина Бебекоска, директорка на ЈКП „Еремија“ – Вевчани.

Индиферентниот однос на младите се должи и на слабата промоција на значењето и улогата на комуналните дејности за општеството.

- Младите не се свесни за тоа колку е значајно да се работи во јавно претпријатие и не се свесни дека јаното претпријатие е сервис на општеството и на граѓаните, изјави Кристијан Николовски, „Водовод и канализација“-Скопје, проект „Пречистителна станица за отпадни води“. 

Анкетата покажува и дека висината на платата и редовните месечни примања се најмалку мотивирачки за вработените, а предначи можноста за напредување во кариерата и надградба на знаење преку семинари, обуки и тренинзи. Сепак, за да бидат интересни за младиот човек, мора да работат на подобрување на финасиската кондиција и на изнаоѓање на иновативни решенија.

- Комуналните претпријатија не даваат голема мотивација за самите инжинери, но мора да наоѓаме начин како тоа да го средиме во иднина, бидејќи ако тоа не се среди, останува проблем за идните генерации како да се справуваат со управувањето и менаџирањето со водоводните системи-изјави Стојан Ефтимов, технички директор, ЈКП „Комуналец“- Струмица

- Платите треба да бидат конкурентни со приватниот сектор за да можат и да имаат желба младите да се вработуваат во нашите јавни комунални претпријатија. Треба можеби да размислиме за повеќе бенифиции, во однос на флексибилно работно време, работа од дома за одреден кадар што може истото да го работи од дома- изјави Бебекоска

На посебна сесија „Учиме од минатото, инвестираме во иднината“ поранешни директори и искусни вработени во комуналниот сектор им ги пренесоа своите знаења и искуства во менаџирањето на помладите колеги, а излагачи на комунална опрема од регионот има свои видео презентации.