Во Македонија над 140 луѓе годишно гинат во сообраќајки: Кога ќе профункционира Сејф сити?
Годишно во државата над 140 лица гинат во сообраќајки. Ако се имплементира системот Сејф сити властите очекуваат оваа бројка да се намали. Но, кога точно ќе профункционираат камерите кои треба да ловат лица кои минат на црвено, возат побрзо од дозволеното и паркираат каде ќе стигнат, од МВР не прецизираат.
„Поставувањето на камерите се очекува да биде завршено во текот на 2025 година. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следи, запазувајќи ги сите законски регулативи“, велат од МВР за Сител.
Парични казни отпочеток нема да има, властите решија прво граѓаните да се опоменуваат со писма на домашна адреса за прекршокот којшто го направиле. Позитивното е што со имплементирањето на системот нема да има кој да ви ја скине казната.
Во меѓувреме, додека секој ден сме сведоци на сообраќајки и чекаме да се донесат механизми кои треба да придонесат за побезбеден сообраќај, остануваат апелите, отворете четири очи кога поминувате улица, возете колку што е дозволено и почитувајте сообраќајните правила и прописи.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар