Македонија
4. January 2019 - 14:23

Во Поткожувјето 90 сантиметри снег

Патните правци во Поткожувјето со механизација се расчистуваат, каде има силни врнежи од снег. Снежната покривка во Мрежичко изнесува 90 сантиметри, а во Поткожувјето и Бошавијата што опфаќаат повеќе села 60 сантиметри.

Од Општина Кавадарци информираат дека еден булдожер го чисти патот Бојанчиште – Куманичево, а друг Конопиште – регионален водовод Лукар, со цел лесно движење и непрекинато водоснабдување од страна на Јавното претпријатие “Комуналец”. Две возила од “Македонија пат” работат на патот Кавадарци – Мушов Гроб, соопштуваат од градоначалничкиот кабинет.

Два големи трактори со нож и соларка работат на патот Мушов Гроб – Мајден и на патот Мајден – Рожден.

Со  две возила на зимската служба на општина Кавадарци работат на пробивање на правците кон одморалиштето Михајлово и селата Страгово, Крњево, Бохула, Бојанчиште, Граниково и Чемерско.

Активна е и една фреза за фрлање снег, на местата на кои има наноси од снег, додаваат од кабинетот на градоначалникот Јанчев.