Македонија
4. February 2016 - 8:42

Во Прилеп изложба на дела од 52. Струмичка ликовна колонија

Во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечер ќе биде отворена изложба на дела од 52. Струмичка ликовна колонија на која учествуваа 18 автори од Србија, Бугарија, Полска, Русија, Црна Гора, Македонија,..., кои изработија 40 дела во повеќе сликарски техники.

Меѓународната Струмичка ликовна колонија е основана 1963 година и е една од најстарите колони не само во Македонија, туку и на Балканот.

За сите изминати години досега учествувале преку 1.200 уметници од сите краеви на светот, а фондот на колонијата досега располага со преку 2.500 уметнички дела работени во најразлични техники, масло на платно, скулптури, мозаици и графики.

Една од позначајните збирки на дела во колонијата се делата на осноположниците на македонското сликарство, почнувајки од Никола Мартиновски, Томо Владимирски, Димитар Пандилов, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски, Петар Мазев, Димитар Кондовски,и уште многу други уметници кој придонеле за развојот не само на колонијата, туку и за македонската ликовна сцена.

Исто така, Струмичката колонија поседува и посебна збирка на дела од најпознатите автори од поранешна Југославија кои имаат големо значење.

Во 1993 година од страна на професорот Газанфер Бајрам и професеорот Паоло Ракани, познат мозаичар кој доаѓа од Италија е основана мозаичката работилница која е во склоп на колонијата.

За овие 22 години откако постои студиото за мозаик се создадени повеќе од 60 мозаици, а учесници  биле мозаичари од повеќе држави како Италија, Украина, Србија, Црна Гора, Словенија, Бугаријаи Македонија и е единствена колонија во која се работи техниката мозаик.