Македонија
12. September 2019 - 15:59

Во Прилеп промовиран документарниот филм „Поддршка за легализација на ромското домување – мапирање на разликите“

Во прилепската локална самоуправа денеска беше промовиран документарниот филм „Поддршка за легализација на ромското домување – мапирање на разликите“.

Координаторот на проектот Рамуш Муарем нагласува дека целта на проектот е подобрување на условите и легализација на домовите на ромските семејства. Проектот е финансиран од ЕУ, во рамките на програмата на ИПА за поддршка на граѓанското општество за 2016 -2017 година.

– Промоцијата на документарниот филм и промоцијата на проектот „Поддршка за легализација на ромското домување – мапирање на разликите“ се спроведува во седум општини меѓу кои е Прилеп. Се промовира и во Куманово, Велес, Кичево, Кочани, Штип и скопската општина Чаир. Сакаме да ги покажеме сите претходни анализи и изјавите на „градските татковци“ од овие седум општини за легализацијата на ромското население, за нивните приоритети, со еден збор да ги покажеме добрите примери за решавање на овие проблеми, рече Муарем.

Според прилепските градски власти од околу 2.500 до 3.000 објекти на ромското население во Прилеп, легализирани се околу 50 отсто, а локалната самоуправа настојува и работи на инфраструктурата во населбите каде живеее ромското население.

Документарниот филм е потгрант на проектот „Поддршка за легализација на ромското домување“ и го имплементира Здружението Ромски Деловен Информативен Центар на Македонија (ЗРДИЦМ).