Македонија
15. March 2024 - 16:43

Во Скопје над 200 случаи со пертусис, од понеделник во градинка со три дози на ДиТеПер

Од понеделник децата со првите три дози на ДиТеПер ќе одат во градинка, но под услов да продолжат со имунизацијата согласно задолжителниот календар. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ги извести предучилишните установи за новата одлука, согласно вчерашните препораки на Комисијата за заразни болести. 

- Се повеќе ни стигаат списоци каде има деца кои не примиле досега ниту една доза на вакцините. Тоа е во наша надлежност. Ги контролираме тие списоци. Ќе излеземе од оваа ситуација. Оваа недела имаме добра соработка со градинките. Трпение и за родителите, зашто не е во ред да враќаме заразни болести, веќе сме 21 век, изјави Рената Младеновска, директор на ДСЗИ.

И додека надлежните ги менуваат одлуките, расте бројот на заразени со голема кашлица во Скопје. Бројот на регистрирани во главниот град е веќе над 200 и само денеска во Центарот за јавно здравје стигнале 11 пријави од кои најголем број се ученици. 

Нејасно е зошто во скопските градинки половина од децата имаат некомплетна вакцинација, а во внатрешноста процентот на имунизација е над 95. Дали во Охрид, Кочани, Берово се поимуни а во Скопје проблем е загадениот воздух, или пак, друга е причината.

- Во внатрешноста децата се редовно вакцинирани и родителите се поодговорни, односно редовно ги носат децата на вакцинација и ги почитуваат вакциналните термини. Очигледно дека проблемот во градот Скопје. Се надевам дека овие епидемии ќе не освестат, вели Младеновска.

Во меѓувреме, од Министерството за здравство информираат дека пристигнале и вакцините против пертусис за возрасни. Ги има во вакциналните пунктови а лекарите препорачуваат дека можат да ги примат оние кои имаат бебиња во домот.