Македонија
21. March 2025 - 16:59

Вонредни инспекции ги тресат угостителите

Продолжува засилената инспекција низ угостителските објекти. Заклучно со вчера, завршени се вкупно 82 контроли, а како што велат од Владата, за многу повеќе објекти проверките се во тек. Се контролираат дискотеки, кабареа, кафич-клубови.

„Од 23 со лиценца, констатирано е до сега 13 не исполнуваат минимум технички услови, при што се изготвуваат решенија до Министерство за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Кај 5 правни субјекти коишто се регистрирани како кабаре/дискотека и коишто се со истечена лиценца, а е утврдено дека работеле изминатиов период сакам да информирам дека се издадени решенија за забрана на дејност. Кај останатите 41 кафич-клуб, кај 30 од нив се констатирани неправилности по Законот за угостителска дејност и изречени се 28 прекршочни налози и 2 затварања за пречекорување на работно време, што подразбира и платен налог“ – Марија Митева, портпаролка на Владата. 

Во големата акција за проверка на објектите кои функционираат како кабареа, дискотеки и ноќни клубови активно е вклучена и Финансиската полиција. Оттаму велат дека на располагање се ставени сите капацитети.

„Акцијата се фокусира на утврдување на финансиски проневери, избегнување на даночни обврски, нелегално работење и други неправилности во финансиското работење на угостителите. Паралелно со ова, истражните органи се насочени кон откривање на сите аспекти кои би можеле да доведат до санкционирање на оние кои не ги почитуваат законите и регулативите“, велат од Управата за финансиска полиција.

Премиерот Мицкоски во гостување на Сител рече дека ќе се проверат и сите објекти кои се под општинска надлежност. На терен ќе излезат и комуналните инспектори за да ги проверат настрешниците и терасите.