Македонија
23. December 2015 - 21:26

Врачена годишната награда за архитектура за 2015

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва во Музејот на град Скопје им ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2015 година на проектантите Сергеј Никољски и Иван Мирковски од пректантската куќа Никољски/Смарт ливинг за објектот - куќа на Водно.

- Ова признание доаѓа од колегите кои најдобро умеат да ја проценат вредноста на градителските потфати и на архитектонските дострели. Како Претседател веќе седма година ја имам честа да бидам покровител на доделувањето и секојпат сум охрабрен од изборот на комисијата, која се соочува со тешка задача – да го избере најдоброто меѓу најдобрите современи архитектонски постигнувања, порача претседателот Иванов.

Тој посочи дека причината за физичкиот процут на геометријата е во креативноста на македонските архитекти.

- Креативност што е втемелена врз вековното чувство за слобода на народот на Македонија, кој наместо да расте во просторна широчина, растел во духовна и креативна височина. Сведоштво за тоа ни даваат македонските неимари кои оставија не само физички белег на тој духовен раст, туку и завет да се надградува над нивните добро поставени темели, потенцира Иванов.

Затоа, додаде, македонската архитектура е дел од нашето културно наследство, национално богатство и идентитет кој треба да се негува и да се надградува.