Македонија
6. November 2026 - 12:13

Врнежите ги подобрија условите за есенската сеидба во Овче Поле

По долгото сушно лето, врнежите од изминатите денови ги подобрија условите за земјоделско производство и отворија можност за продолжување на есенската сеидба. Сепак, изгубеното време тешко ќе се надомести, а дел од планираните површини можеби воопшто нема да бидат засеани со житни култури.

-Овие дождови се добредојдени. Сега треба да чекаме само почвата малку да се исуши и да почнеме со орање, бидејќи околу 80 проценти од површините сè уште не беа изорани, изјави Гоце Серафимов, претседател на Асоцијацијата на земјоделците.

Доцнењето на агротехничките рокови може да се одрази врз квалитетот на пченицата, а нивите што нема да бидат опфатени со есенската сеидба ќе треба да се пренаменат за пролетно производство. Покрај со временските неприлики, земјоделците се соочуваат и со друг проблем. Бараат промени во политиката на субвенционирање на житните култури, шченицата и јачменот, бидејќи се откупуваат по речиси идентични цени.

-Да, побаравме да се воведе некоја интервентна мерка, меѓутоа за оваа година е завршено и ќе пробаме за наредната година. За 2026 година субвенцијата за сертифициран семенски и продаден производ изнесува околу 19.000 денари за пченицата и 13.000 денари за јачменот. Бараме да се изедначат субвенциите за јачменот и пченицата, додаде Серафимов.

Есенската сеидба е клучна за обезбедување повисоки приноси, но домашното производство и натаму не е доволно за потребите на пекарската индустрија. Поради тоа, Македонија продолжува да зависи и од увозот на пченица.