Бизнис
14. March 2016 - 13:49

За економски развој на Западен Балкан 82 милијарди долари од ЕУ

Со 82 милијарди долари поддршка од Европската унија, Македонија, Србија, БиХ, Косово, Албанија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, во наредните десет години, преку т.н. Коморски инвестициски форум (КИФ), ќе ја интензивираат соработката за да ги подобрат своите и економските перформанси на регионот, и да фатат приклучок со развиените земји. 

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, воспоставувањето економска стабилност, зголемувањето на конкурентноста на малите и средните претпријатија, намалувањето на стапката на невработеност и подобрувањето на бизнис климата, се заедничките, клучни предизвици за земјите од ЈИЕ. Сериозен проблем кој исто така мора да се реши, е одливот на луѓе, посебно на младата популација.

- КИФ е почеток на нова ера на соработка во регионот, а целта на поддршката од ЕУ е да оствариме приклучок кон развиените земји. На Западен Балкан му се неопходни структурни реформи, борба против корупцијата и надминување на уште многу предзивици. Излезот мора да се бара во драстично зголемена економска интеграција. Нема веќе национални економии, има само конкурентни и неконкурентни економии засновани на регионално поврзување, истакна Софче Јовановска, советник во Стопанската комора и член на Секретаријатот на КИФ.

Според неа, економијата е секогаш таа што гради мостови и поврзува, дури овозможува и надминувања на многу отворени политички прашања. 

- Факт е дека повеќе од 25 години на овие простори не беше сфатена главната порака од ЕУ, дека мора да се соработува регионално. Напротив, државите од Западен Балкан бегаат од таа иницијатива, бидејќи таквиот во вид соработка ја препознаваат идејата за обвновување на поранешната заедница иако се свесни дека Унијата е настаната на принципиелна регионална соработка, посочи Јовановска.

Иако различни по површина, број на жители, економски активности и макроекономски показатели, земјите на КИФ, рече, имаат многу слични предизвици: надворешно-трговски дефицит, зависност од увоз, висока стапка на невработеност, неусогласеност меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд, како и недовлно или тешко достапни извори за финансирање. 

Повикувајќи се на податоци од Светска банка и од Институтот за меѓународни економски студии, Јовановска предочи дека во сите земји од КИФ загрижуваат бројките за невработеноста, особено на младите. Во овој сегмент предничат Македонија, БиХ и Косово каде половина од невработените се млади. Земјава е најдобро рангирана во однос на бизнис климата заедно со Хрватска и Словенија, но најлошо според странските инвестиции чиј раст за периодот 2007 - 2014 година достигнал 3,29 милијарди долари.

Западен Балкан е се уште конкурентен со цената на трудот во однос на земјите од ЕУ. За споредба, нагласи Јовановска, просечната плата во Словенија е 1.540 евра, а во Македонија 508.

Земјите на КИФ зафаќаат 6,6 отсто од површината на ЕУ, претставуваат пазар од 25 милиони жители, а нивните меѓусебни инвестиции се околу три милиради евра. Сепак, сите се ориентирани кон европскиот пазар и со земјите од Унијата остваруваат најголема размена.

Коморскиот инвестициски форум (КИФ) е основан на 27 август 2015 година со Спогодбата што ја потпишаа претседателите на стопанските комори од осумте земји во Западен Балкан за време на Виенскиот самит. Во рамки на КИФ се веќе почнати неколку проекти - за едукација на мали и средни претпријатија и за поддршка преку дошколување во старт-ап компаниите со најмногу тројца вработени. Но, допрва се очекува засилување на активностите за подобрување на економските перформанси во државите од регионот.