За Мицкоски, експертите за уставни измени се дел од семејните стебла на ДУИ и на СДСМ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека ништо не очекува од експертската група за уставни измени, но оти ќе очекува одговорност и дека отпочнувањето на постапката нема да успее. Тој не сакаше да го коментира составот на експертите што вчера ги објави Министерството за правда, велејќи дека се срами од „нивниот срам“.
-Експертите? Тие се експерти? Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и во СДСМ. Се срамам од нивниот срам, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ќе го коменира составот на експертите за групата за уставни измени што вчера ги објави Министерството за правда.
Мицкоски вели дека ништо не очекува од оваа група, туку дека неговите очекувања се да не успее првиот чекор во Парламентот, а тоа е отпочнување на постапката и утврдување на потребата за отворање на Уставот.
-Тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски која што не успеала и потоа кривична одговорност за оние коишто ќе земаат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е беспредметна, така што можам да кажам – еве го повикувам Ковачевски да не биде кукавица веднаш да ја достави иницијативата до Парламентот и пратениците во Парламентот да го дадат својот став по тоа прашање, рече Мицкоски, кој беше на промоција на книга во Социјалистичката партија.
Повтори и, како што кажа, го потврди она што пред него го кажа претседателот на СПМ дека коалицијата „За обнова на Македонија“ која што во Парламентот брои 44 пратеника нема да ја поддржи оваа иницијатива за отворање на Уставот.
-Час поскоро да ја затвориме оваа тема, имаме поважни работи – не крадат при здрави очи, пљачкаат милијарди од народот, здравството ни е катастрофа, децата во школо немаат книги, дајте тоа да зборуваме. Ова треба да го игнорираме и да го затвориме. Ова е уште една политика на Димитар Ковачевски која што ќе биде поразена, а јас ќе повторам за ова ќе има одговорност. Повторно ќе кажам, не знам колку сериозно не разбираат, но за ова ќе има одговорност, рече Мицкоски.
Лидерот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски по завршување на настанот изјави дека нивниот став за какви било уставни измени е затворен.
-Ние не знам колку пати тоа го имаме изјавувано, еве и сега во оваа прилика од неколку причини. Прво, затоа што сметаме дека тоа е штетно по интересите на македонскиот народ и на македонската држава. Второ, тоа е последното барање кое што е доставена од страна на источниот сосед за кое што ние своевремено пред година дена, не е тоа толку далек период, инсистиравме како опозициска партија да бидеме во тек со разговорите коишто ги има нашата власт со бугарската страна. Бевме одбиени со многу плиток изговор дека има работна група и дека раководните личност во државата за тоа не знаат. Се испостави дека тие директно биле вклучени, но затоа беше опозицијата исклучена од сето тоа – никој нас за ништо не не праша. Сега е сосема нелогично да бидеме повикувани да бидеме дел од работна група, рече Димовски.
Тој, како што кажа, нема доверба во премиерот Ковачевски и не му верува и оттаму не гледа причина за учество на СПМ.
-Нека им со среќа на работната група, ќе си работат тие не знам што, но јас можам само да кажам дека гласот на пратениците од СПМ и гласот воопшто на сите пратеници од коалицијата „Обнова на Македонија“ односно на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да добијат уставни измени во овој парламентарен состав, изјави Димовски.
Ново на Сител
-
До две илјади денари заштеда од храна без ДДВ, предлага СДСМ
-
Комората бара заемот од Унгарија што поскоро да стигне до бизнисот
-
Тошковски најави нови интересни случаи поврзани со групата „Грчец“ и организираниот криминал
-
Ден на ромскиот јазик
-
Преглед на вестите од светот
-
СДСМ: 0% ДДВ на храната
-
Владата останува посветена на борбата против корупцијата
-
Македонија подготвува нов пакет помош за Украина