Македонија
24. July 2021 - 12:01

Заев: Каква и да е одлуката на УНЕСКО Охрид и Охридското Езеро се нашето богатство

Независно каква ќе биде одлуката на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, тоа е нашето културно наследство, природно богатство кое што мораме да го чуваме. Тоа го истакна претседателот на Владата Зоран Заев кој денеска беше во работна посета на Охрид.

Во врска во расправата на Центарот и советодавните тела на УНЕСКО што се одржува во Кина каде се уште се очекува конечна одлука за тоа каков ќе биде идниот статус на регионот, Заев истакна дека е задоволен што на расправата е свртено вниманието на експертската јавност кон се она што е направено за одржување на постоечкиот статус на Охрид и Охридското Езеро како Светско културно и природно наследство.

– Она што е уништено со децении наназад, впрочем дури и од создавањето на заштитата на УНЕСКО до денеска и во последните 11 години под раководство на ВМРО-ДПМНЕ со целото мегаломанство, целата негрижа, навистина е мал периодот да се врати се во нормала. Но, благодарение на градоначалникот, неговиот Совет, на општинската администрација со сите аргументи кои што беа претставени од претставниците на Охрид, од Министерството за култура, мојот кабинет кои што се во постојана дебата вчера, а богами и денеска, навистина се менува сликата заради тие резултати што досега се постигнати, истакна премиерот Заев.

Тој истакна дека ќе се почитува каква и да биде конечната одлука на УНЕСКО.

– За нас е мотивација, и за државната власт и за локалната власт, да продолжиме. Сите знаеме дека Охрид ќе продолжи да се развива и мора да се развива. Не треба да биде запрен развојот на Охрид. Но, тоа мора да биде по план, така што максимална поддршка ни треба пред се од граѓаните. Каква и да биде денеска одлуката ние ќе ја почитуваме. Некој пат како што беше до пред вчера прифативме дури и ставањето под опасност значи аларм кај нас уште повеќе да бидеме фокусирани. Ќе ни биде драго и особено ќе го почитуваме ако го дадат тој дополнителен рок што ќе дискутираат таму на тие заседанија, затоа што не е ред светот да води грижа пред се за Охрид, ред е ние да водиме грижа дома и верувам дека ќе успееме, истакна Заев.

На прашањето дали се лобирало за да се добијат дополнителни рокови за исполнување на препораките посочени од УНЕСКО, Заев рече дека се работи за одлуки што ги носат професионалци, експерти во областа.

– Таму нема политика и не можете да се јавите на сите наши пријатели. Северна Македонија во овој период изгради многу силни меѓународни пријатели, но тука не е политиката во прашање. Таму се експерти со доминантно влијание на претставниците од нордиските земји. Норвешка го води целиот овој проект и е најгласна, наша пријателска земја, но не може премиерот Заев да се јави на премиерката на Норвешка. Тоа не функционира така. Врз основа на докази, на експерти, на основа на тоа што е направено дебатата е отворена, вчера траеше цел ден. Дел сте информирани, мене ме брифираат нашите државни и општински претставници за сите детали. Денеска некаде после пладне се очекува да биде донесена одлука. Но, јас сум задоволен што го свртевме вниманието и гледам дека се работи, рече тој.

Запрашан дали доколку биде поместен регионот на Листата светски приодни и културни богатства во опасност ќе биде побарана одговорност од институциите што со своите постапувања или непостапувања дозволиле тоа да се случи, премиерот истакна дека одговорноста не може да се лоцира затоа што се работи за подолг временски процес што довел до деградација на некои од атрибутите кои впрочем и го детерминираат регионот за светско богатство.

– Одговорноста не можете да ја лоцирате, ниту во нашите, ниту во меѓународните закони, заради тоа што тоа низ времето е дозволено се. На крајот државите немаат за цел да санкционираат или да отворат постапки судски, правни, или какви било. Главната цел е да не се повтори тоа што го довело Охрид, Охридското Езеро и охридското крајбрежје и целиот заштитен регион за да воопшто се дискутира тоа. Да ни биде поука и да учиме. Охрид, нашето прекрасно Охридско Езеро треба да го чуваме такво какво што природата и Господ ни го дариле. И верувам дека ќе успееме во тоа, а притоа да се развиваме и токму поради неговата посебност да биде атракција, рече премиерот.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, по однос расправата во УНЕСКО рече дека независно одлуката ќе се удвојат напорите и активностите за исполнување на препораките посочени во извештаите на Реактивните мисии на Комитетот за светско природно и културно наследство.

– Доколку добиеме дополнителен рок од две години, ќе продолжиме уште поодговорно, уште похрабро да работиме на имплементацијата на препораките. Она што е во наша надлежност како општина е усогласување на деталните урбанистички планови, отстранување на бесправно изградените објекти. Ние покажавме решителност и дека не се двоумиме во однос отстранувањето на дивоградбите, така и ќе продолжиме, рече Георгиески најавувајќи дека процесот ќе продолжи после завршувањето на летната туристичката сезона.