Македонија
3. November 2017 - 11:39

Заев - Мекилвем: Поддршка од Велика Британија за реформите и интеграциите на Македонија

Претседателот на македонската Влада, Зоран Заев во Будва се сретна со Фиона Мекилвем, директорка во Секторот на МНР на Обединетото Кралство за Западен Балкан.

На средбата присуствувал и Ендру Пејц, координатор при британското МНР за престојниот Самит за западен Балкан што треба да се одржи во Лондон.

Владината прес-служба соопшти дека на средбата Мекилвем посочила оти Велика Британија ја цени реформската агенда преземена за реализација од страна на македонската Влада. Таа изразила охрабрување до Владата да продолжи со внатрешните реформи, како и поддршка од Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за реформите во коишто се гледа можност за напредок на државата во интеграциите и за подобар живот на граѓаните.

Претставничката на британската влада Мекилвем ги поздравила и политиките на македонската Влада за градење на добрососедски односи и најавила дека Велика Британија ќе продолжи со активниот интерес за Македонија и за целиот регион во делот на стабилизацијата и интеграциите.

Премиерот Заев нагласил дека Владата има голема мотивација да осигура квалитетен живот на граѓаните и евроатланска иднина на државата. 

- Планот 3-6-9 предвидува реформи во праводуството, во медиумите, во безбедносните служби со што се создава стабилна клима за инвестирање во државата. Интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ, ќе значи и охрабрување инвеститори, со тоа и нови и подобро платени работни места за граѓаните и повисок животен стандард. Кон ова сме фокусирани и правиме се што можеме на патот кон евро-атлантските цели. Добрососедските односи се исто така дел од политиките на градење пријателства на новата Влада, со што сме свесни дека можат да се олеснат процесите. Значајна е поддршката на Република Македонија од добри пријатели кон државата, како што е Велика Британија, истакнал Заев.

На средбата е разговарано и за можноста за соработка во дигиталната технологија и за шансите што на овој план ги отвора престојниот Самит во Лондон за земјите од Западен Балкан.

Во Будва, премиерот Заев учествува на регионалната „Економска конференција на Црна Гора 2017“. Во рамки на посетата премиерот Заев имаше билатерални средби.