Македонија
21. September 2017 - 11:25

Заев на дипломатски прием кај Трамп

На дипломатскиот прием што традиционално го организира американскиот претседател како домаќин за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, македонскиот премиер Зоран Заев и сопругата Зорица се фотографираа со Доналд и Меланија Трамп.

– Дипломатскиот прием организиран од претседателот Трамп во чест на 72. Генерално собрание на ОН е убава можност за зацврстување на пријателствата и остварување идни соработки во интерес на нашите држави, објави премиерот Заев утрово на својот фејсбук профил.

Македонскиот премиер во рамки на активностите на Генералното собрание на Обединетите нации, денеска ќе има билатерална средба со премиерот на Белгија Чарлс Мишел.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев ќе присуствува и на приемот по повод кандидатурата на Германија во Советот за безбедност на ОН, за периодот 2019-2020 година, што во име на канцеларката Ангела Меркел, го приредува заменик канцеларот и министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Зигмар Габриел.

Во текот на денот предвидени се и други средби и разговори со влијателни гости на Генералното собрание на ОН, како и со американски политичари и тинк-тенк експерти од сферата на надворешните политики и меѓународните односи на САД, се наведува во соопштението од прес службата на Владата.