Македонија
3. јуни 2019 - 13:46

Заев: Турција е еден од нашите најголеми пријатели и наскоро ќе го ратификува протоколот за НАТО

Република Турција е еден од нашите најголеми пријатели и нивните очекувања се кога ќе завршат сите политички изборни процеси, тие ќе ја отпочнат процедурата за ратификација на протоколот за членство на нашата земја во НАТО, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање кога се очекува Анкара да го ратификува протоколот.

Заев на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО, за ратификацијата од страна на Турција, се повика и на изјавата на потпретседателот на турската Влада дека тие продолжуваат со поддршка на нашата земја  и во најкус можен рок ќе го ратификуваат овој протокол.

-Нашите министерства за внатрешни работи,  за правда, соработуваат и за другите отворени прашања, таа соработка продолжува согласно сите меѓународни стандарди, кажа Заев уште еднаш истакнувајќи дека Турција е еден од нашите најголеми пријатели, изразувајќи уверување оти тоа ќе го докаже и овој пат.

Генералниот секретар Столтенберг одговарајќи на прашање за присуството на НАТО во Косово појасни дека таму се присутни преку Мисијата КФОР со задача да креираат мир и безбедност и да ги заштитат сите заедници вклучувајќи ги и Србите.

Нагласи дека имаат блиска соработка со сите заедници што живеат на Косово.Тоа ни е задачата, потенцира, тоа ни е мисијата во Косово.

Според него, има потреба и од политичко решение и затоа го поддржуваат дијалогот меѓу Приштина и Белград затоа што на долг рок тоа е единствениот начин да се решат разликите кои постојат.

Во тој контекст, нагласи Столтенберг, она што го договорија премиерот Заев и грчкиот премиер Ципрас е модел и за Косово и за целиот регион затоа што покажува дека е возможно да се надминат историските разлики и несогласувања.

-Да не се заборави минатото, но притоа да не се уништува иднината. Преспанскиот договор и напредокот што го направи Северна Македонија со Договорот со Грција е важен за земјата, но исто така е голема инспирација да биде модел за целиот регион да ги надминат разликите и да се придвижат кон иднината заедно, истакна на прес-конференцијата генералниот секретар на НАТО Столтенберг.