Македонија
12. April 2024 - 16:33

Закажани судењата за струшкиот градоначалник Мерко

26 април, во 10 – ова е терминот за почеток на судењето за Рамиз Мерко како обвинет за пречекорување на службените овластувања. Струшкиот градоначалник седнува на обвинителна клупа за набавката на четири општински автомобили, меѓу кои и луксузното ауди од 70 илјади евра. Предметот е во рацете на судијка од скопскиот кривичен суд која од крајот на 2023та е упатена на едногодишна работа во Струга. Обвинителството тврди дека Мерко без одлука на општинскиот совет ги купил скапите возила.

„Спротивно на начелата на законитост и интегритет, како и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-смета, обвинетиот набавил четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, со што прибавил имотна корист за носителот на јавната набавка“, пишува во обвинението.  

По неполн месец, Мерко, пак ќе седне во струшкиот суд, но за друго обвинение. На 22 мај ќе му се суди за несовесно работење.. Обвинителството тврди дека директорката на основното училиште во Лабуништа, ја назначил незаконски.

„За вршител на должноста, директор, именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено со Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовната работа“, се наведува во обвиниението против Градоначалникот на Струга.

Судењата по двете обвиненија за струшкиот градоначалник, доаѓаат по неполна година откако Стејт департменот го стави Мерко на американската црна листа. Бил вмешан во корупција и влијаел врз судии со што наштетил на македонските институции, наведуваат американските власти.