Македонија
20. јуни 2024 - 16:47

Законот за облигациони односи под лупа на Уставен суд

Се отвара вратата извршителите да продолжат да наплаќаат долгови. Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за облигациони односи, а со времена мерка повторно дозволи долговите да застаруваат за 10, а не како досега по пет години. 

Жестока дебата и претходеше на одлуката. Час и половина деветмината судии аргументираа дали треба да се оценува уставноста на законот. Предлогот дојде од Павловска-Данева, а на ист став беа уште неколкумина судии. Законот ги привилегирал неплаќачите на штета на останатите граѓани.

„Новиот закон е неприменлив. Со него, должникот се привилегира, а доверителот се става во неповолна положба. Законот има едно од најштурите објаснувања кои досега ги дал законодавецот“ рече Ана Павловска Данева, Уставен судија. 

„Намерата на законодавецот била благородна, за заштита на граѓаните, меѓутоа, измената ги изостава доверителите и ги става во неповолна положба во однос на должниците“, рече Фатмир Скендер, Уставен судија. 

Истиот закон пред Уставен беше и во јануари, ама тогаш судот не поведе постапка. За Тогашната претседателка Кацарска, несериозно било денес судот да ја промени одлуката бидејќи како што рече, се доведува во прашање сериозноста на Уставен.  

„Примената на законот за Уставен е ирелевантно. Секој закон може да има таков проблем. Не треба повеќе да дискутираме за нешто кое претходно сме го одлучиле“, рече Добрила Кацарска, Уставен судија.

Иако законот беше донесен во јули лани, извршителите одбиваа да го применат, а граѓаните ги препраќаа преку суд да бараат бришење на долгот или одблокирање на сметката.