Македонија
11. February 2020 - 16:46

Законот за обвинителство се уште нема поддршка од 80 пратеници

Владиниот закон за јавно обвинителство влезе во комисиска расправа во комсијата за европски прашања, но се уште не се сигурни потребните 80 пратеници за да биде донесен. Власта вели дека поднеле квалитетен закон со кој се формира силно обвинителство за организиран криминал и корупција. Отстапката со снимките од докази да станат индиции била направена за гласови, но дека предметите се сигурни.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека нема скриена амнестија за него ниту за други во новиот закон за обвинителство.

ВМРО-ДПМНЕ и понатаму смета дека најдобро решение е она кое ќе го напишат експертите, а велат дека и владинот закон во собранието е влезен на неуставен и неделовнички начин.

На Законот се поднесени два амандмани. Сурија Рушити од Алијансата на Албанците бара снимките од СЈО и понатаму да бидат користени како докази. Пратеникот Панчо Минов пак, бара сосема спротивно  – снимките да не можат да бидат користени воопшто за нови судски постпаки, дури ни како индиции.

За амандманите ќе се расправа на вториот и последен ден од комисиската расправа. Потоа, законот веднаш ќе биде ставен и на пленрана седница за изјаснување.

Без поддршката од тројцата пратеници на Села и двајцата на БЕСА, власта ќе мора да договори нови пратеници од опозицијата кои би дале поддршка.