Македонија
18. March 2024 - 12:14

Занаетчиството полека умира, младите подобра иднина бараат во странство

Занаетчиството полека, но сигурно замира како стопанска гранка. Ретки се поединците кои се уште се занимаваат со оваа дејност, а уште послаб е интересот на младите да тргнат по нивните стапки. Васил Богдански од село Таринци, сопственик на работилница за изработка и поправка на делови за земјоделски машини, вината за актуелната состојба ја бара во лошо поставениот систем на вредности.

- Тоа е малку поширока тема. Родителите си ги расипаа децата и на тој начин си ги отуѓиа, затоа што им велеа, „учи сине за да не работиш“. Сега тоа дете како ќе заврши образование не сака да работи.  Ова е валкана работа, ама ако ти претставува задоволство и сакаш да ја работиш ќе нема никаков проблем. Јас сум скоро 70 години и не ми е тешко. 37 години имам работилница. Во „Метална“ работев 15 години, ама откако пропадна од овде егзиститраме и од ова живееме,- изјави Васил Богдански, сопственик на занаетчиска работилница.

Со текот на годините работилницата прераснува во семеен бизнис, па покрај двајцата синови, ги ангажира и внуците да го научат занаетот. 

- Не ни „претекува“, ама за живот има, изјави Богдански.

Додека постои машинско земјоделско производство, ќе има потреба и од работилници за поправка на делови.

- Има нови машини- CNC, но на нив се изработуваат сериски делови, а овде се работи уникатно, скршениот дел да се направи ист или сличен, изјави Богдански.

Работа има, работници нема, додава Богдански.

- Нема мајстори, никој не сака да работи. Сите сакаат да не работат, а да имаат пари, изјави Богдански.

Според Богдански, за решавање на проблемот потребно е државата активно да се инволвира, преку финансиска или друг вид на стимулација на младите лица, за да ги мотивира да преземат иницијатива и да го реанимираат занаетчиството во Македонија.