Затварање на 750 електрани кои работат со јаглен: Определениот датум е ултиматум
Вкупниот број на термоелектрани кои имаат јасен рок на траење се зголеми на 750, откако се додадоа 370 – се вели во новиот извештај на Истражувачкиот центар за енергија и чист воздух (CREA).
Дури 1.600 термоелектрани, или околу 95 отсто од сегашната оперативна флота, се опфатени со долгорочен план за постигнување јаглеродна неутралност во средината на 21 век, но сè уште немаат точни датуми и конкретни планови за затворање.
Согорувањето на фосилните горива, пред се во секторот за производство на електрична енергија и индустријата, предизвика 8,7 милиони предвремени смртни случаи во текот на 2018 година. Покрај големото влијание врз јавното здравје, највалканото фосилно гориво – јагленот е горивото кое најмногу придонесува за климатските промени, затоа преговорите за негово напуштање беа во центарот на вниманието на неодамна завршената Конференција на Обединетите нации за климатски промени.
Повеќе од 40 земји потпишаа договор во Глазгов за напуштање на ова фосилно гориво до 2030 година за развиените земји и 2040 година за земјите во развој. Роковите се во согласност со препораките на Меѓународната агенција за енергетика, а меѓу потписниците се и големите потрошувачи на јаглен како Полска, Виетнам и Украина.
Дополнително, во Глазгов беа направени повеќе договори, кои испраќаат јасен сигнал дека светот е подготвен да се откаже од јагленот како главен извор на енергија.
Главните инвеститори во термоелектраните: Кина, Јапонија и Јужна Кореја, заедно со другите земји-членки на Г20 и ОЕЦД, ветија дека во наредниот период целосно ќе престанат да финансираат нови термоелектрани во странство. Истовремено, Јужна Африка се договори со ЕУ, САД и Велика Британија да формираат фонд вреден 8,5 милијарди долари, кој треба да и помогне на оваа земја, која својот електроенергетски сектор речиси исклучиво го базира на јаглен, да направи енергетска транзиција.
Климатскиот инвестициски фонд најави започнување на пилот-проект кој ќе обезбеди две милијарди долари за енергетска транзиција на Индија, Индонезија и Филипини. Во исто време Индонезија и Филипини склучија сличен договор со Азиската банка за развој.
Во извештајот на CREA се наведува дека тешкото финансирање и климатските амбиции веројатно ќе доведат до прекин на изградбата на 88 нови термоелектрани со вкупен капацитет од 90 GW, што претставува околу две третини од сите планирани проекти за електрани на јаглен.
Двата најголеми потрошувачи на јаглен во светот, Кина и Индија, ветија дека ќе постигнат јаглеродна неутралност до 2060 и 2070 година, но тие сè уште не се обврзаа на конкретни потези што ќе резултираат со појасни планови и рокови за напуштање на јагленот.
Иако трендовите на пазарот и зголемениот број на термоелектрани со познат датум на затворање јасно укажуваат на тоа дека светската енергија ќе се претвори од јаглен во обновливи извори на енергија во наредните децении, оваа трансформација сè уште не е доволно брза за да ги исполни целите од Парискиот договор.
Само 250 термоелектрани во земјите на ОЕЦД треба да бидат затворени до 2030 година, додека во помалку развиените земји кои имаат време да ги затворат своите електрани на јаглен до 2050 година, само 130 термоелектрани планираат да го испочитуваат тој рок.
Сепак, CREA наведува дека ситуацијата функционира малку подобро ако се земат во предвид најавите дека Германија наскоро би можела да претстави цел за затворање на сите електрани на јаглен до 2030 година – Како и спроведувањето на планот на САД за 100 отсто чиста електрична енергија до 2035 година, би значело дека огромното мнозинство на термоелектрани во САД ќе бидат затворени во следните десет години.
Ново на Сител
-

Осум активни пожари низ државата
-

Мицкоски: Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница
-

СВР Велес го расчисти случајот со уништување на урбаната опрема во дворот на основното училиште „Васил Главинов“ во Велес
-

Костадиновски - Шасивари: Институционалниот дијалог е клучен за унапредување на владеењето на правото
-

Мицкоски: За трипати пократок период имаме 120 милиони евра поголем раст на БДП
-

Билансот од катастрофалниот земјотрес во Колумбија достигна 314 жртви, се трага по уште стотици
-

Министерството за правда на САД тврди дека поранешниот директор на ФБИ му се заканувал на Трамп
-

Автомобил удри во автобуска постојка на Бит Пазар
