Македонија
17. July 2024 - 16:43

Затвор и одземени ниви од обвинети во „Синџир“

Затворски казни за управителите, а нивните фирми обврска да вратат над 650 илјади евра. Ова е пресудата за четворица обвинети од случајот „Синџир“ кои признаа дека со лажни фактури избегнувале да плаќаат данок. Со нив, бројот на лица кои потврдија дека биле во мрежата за измами, се искачи на десет. Повеќето од нив се и крвно поврзани – фирми поседувале родителите, нивните деца, снаите.. Во синџирот се врзале и луѓе кои само на хартија знаеле дека поседуваат фирми, но не и дека истите служат за измама. За нив, судијката рече дека се жртви на генијална шема ама сите ги казни со затвор.

„Јове Ѓоргиевски има 45 години, татко е на две малолетни деца, веќе 23 години работи како таксист, превезува патници од Битола до аеродромите. Во време на короната, борејќи се за егзистенција на семејството, приморан да враќа кредит, прифатил да биде управител, не насетувајќи каде ќе заврши“, рече судијката Даниела Димовска при изрекување на пресудата.

Таксистот Јове ја доби највисоката казна од две години затвор, а му се одзема и недвижен имот од над 80 илјади евра. Во затвор ќе треба да одат уште двајца кои признаа вина, а ќе треба да вратат и по половина милион денари. Досудена е и условна казна, но 75 годишната пензионерка ќе остане без ниви и лозје.

Во Синџир се обвинети 22 лица и фирми кои одговараат дека со даночни измами го оштетиле државниот буџет за 8 милиони евра. Оние кои признаа вина, остануваат во притвор до правосилност на пресудата, бидејќи како што велат од судот, се уште во бегство бил организаторот на злосторничкото здружение Стојан Чифлигароски кој можел да им организира бегство.