Македонија
22. February 2025 - 17:04

Затвореници со секојдневен излез се обиделе да внесат дрога и пари во Идризово

Затвореници од Идризово кои имале право на секојдневен излез, синоќа се обиделе да внесат во затворот дрога, мобилни телефони и пари. Обидот го спречила полицијата која заради прогласената вонредна состојба, се уште го обезбедува затворот. Четворицата затвореници синоќа околу осум часот пристигнале во Идризово на главниот влез. Заради оддалеченоста на отвореното одделение каде престојувале и правилата на затворот, лицата се превезувале со возило. Кратко по тргнувањето, полицијата ги застанала сомневајќи се дека ги минале сите безбедносни проверки. По дополнителниот претрес, во нивните џебови се пронајдени телефони и поголема суми пари. Во затворското комбе, полицијата пронашла и марихуана.

„Бидејќи нивниот павиљон е поодалечен од главната врата на затворот, користиме службено возило, односно возило на затворот и притоа се врши легитимирање и претрес со минување на скенер. Прифатена е група од 4-5 осуденици кои се враќале од привилегии и овластените службени лица од МВР се посомневале дека контролата на скенерот и она што треба да се направи, не е направено како што треба и на повторна контрола е констатирано дека кај осудените лица се пронајдени поголема количина на пари, мобилни телефони и тревкаста материја“, изјави Зоран Јовановски, Директор на КПУ Идризово. 

Вчера и во штипскиот затвор е регистриран обид за внесување на дрога. Пронајдена била во дворот рано наутро, па не стигнала до затворските ќелии.

„На 21 февруари во 6:43 часот во СВР Штип, од Казнено – поправната установа Затвор Штип било пријаваено дека во кругот од установата биле пронајдени и одземени марихуана и прашкаста материја“, информира полицијата.

И за двата случаи од МВР велат дека работат на нивно расчистување. Управата на Идризово во меѓувреме испитува како дрогата, телефоните и парите не ги регистрирал затворскиот скенер. Дали затворениците ќе го изгубат правото на работа надвор од затворот, дополнително ќе се утврдува.