Македонија
28. May 2024 - 16:49

Затворените сали на Хирургија го блокираа цел здравствен систем!

За нецела минута неколку возила на Брза Помош пристигнаа пред клиниката Свети Наум Охридски. Едни си одат други се паркираат пред влезот носејќи итни пациенти.

Затворените сали на хируршките клиники направија вистински хаос во целиот здравствен систем. За жолчка, колк или протези на колено пациентите ќе почекаат бидејќи во Свети Наум Охридски и ГОБ 8ми септември внесуваат во сала само итни случаи. 

-Хронични не примаме за операција и оперираме само итни случаи. За овие десет дена имаме примено 170 итни пациенти и кај 150 се направени операции. Сигурно ако продолжи ова ќе се исполнат капацитетите и ќе мора да се размислува да има активирање на некои центри во внатрешноста за да може некои случаи кои и онака ни ги праќаат овде да бидат третирани во матични установи, вели д-р Љубен Арсенков, директор на Клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски.

Во Свети Наум Охридски е исполнет речиси целиот капацитет, но велат со добра координација засега успеваат да одговорат за сите итни случаи. Истото се случува и во ГОБ 8-ми септември. И додека едни едвај успеваат да одговорат на потребите, хирурзите од скопските клиники се молат што побрзо да бидат отворени салите каде велат дека ќе бидат деноноќно за да ги редуцираат листите на чекање. Засега мора да се задоволат и со една сала која функционира со надворешни компресори.

-Почнува згрижување на пациенти со итна патологија, во импровизирани услови..тоа е мала надеж за нас и пациентите дека делот што треба да се оперира итни случаи се тоа и оние кои се во болнички дел и чекаат десењт дена за операција, вели д-р Игор Мерџановски – хирург трауматолог.

11 ден не работат операционите сали и сите ги чекаат анализите од Германија кои трерба да покажат од каде е смрдеата во хируршкиот блок.

-Разнишан е столбот на терциерното здравство. Не се случило до сега такво нешто, колку и јас што паметам овие 30 години, вели Мерџановски.

Од денеска во потрага по решение се вклучи и заменик министерката за здравство. Но кога ќе профункционира хируршкиот блок никој не знае.