Македонија
9. July 2017 - 11:02

Заврши 14. Интернационален фолклорен фестивал „Велес“ 2017

На сцената во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес синоќа свечено беше затворен годинашниот  14. ИФФ „Велес“ 2017.
 
Како и претходните вечери и на последната фестивалска вечер пред бројната повеќе илјадна публика настапија фолклорни ансамбли од: Хрватска, Бугарија, Романија, Словенија и Фолклорниот ансамбл „Вила Зора“ од Велес. 
 
Како што изјави Томе Јаневски претседател на организацискиот одбор, тие се задоволни од годинашното издание и што  годинава фестивалот имал најмногу учесници и најбројна публика.
 
- ИФФ„Велес“ од годинава во година станува се поинтересен со се поголем број учесници фолклорни друштва од цел свет и со се побројна публика што ни дава елан и натаму да продолжиме со уште поголем успех, истакна тој.
 
Годинава граѓаните на Велес и гости од други градови во земјава во преполниот амфитеатар на отворена сцена во Младинскиот парк од 4 до 8 јули уживаат во песните, ората, танците и традициите кои им ги презентираа  ансамблите од Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Словенија, Украина, и на македонско фолклорно друштво од  Австралија.
 
Домашните ансамбли беа од Велес, Скопје, Битола, Делчево, Радовиш и Богданци.
 
Учесниците на фестивалот во изминатите пет дена имаа можност и да се запознаат со бројните културно историски споменици на Велес, а ги посетија и Скопје и Охрид.