Македонија
6. November 2018 - 14:00

Заврши првата фаза од реконструкцијата на „Северен булевар“ во Кавадарци

Заврши првата фаза од реконструкцијата на „Северен булевар“, заобиколниот пат во Кавадарци, во должина од 450 метри.

Проектот во вредност од 8,5 милиони денари беше реализиран со поддршка од Бирото за регионален развој, преку Вардарски плански регион. Сега се надминати проблемите кои ги имаа кавадарчани поради лошата изведба на овој пат пред петнаесетина години. При секој пороен дожд овде се создаваа езера од вода и се ограничуваше движењето на возилата.

-Oва е реконструкција, но како правење ново. Имаше ископ на земја, тампонирање, појакнување на подлога со геоплатна, па се до комплетно тампонирање и два слоја асфалт, рече градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој информираше дека многу брзо ќе се реконструираат и преостанатите 450 метри, а проектот ќе се реализира преку Светска банка, во соработка со Вардарски плански регион.

Директорот  на Вардарски плански регион, Марко Колев ја поздрави одличната соработка со општина Кавадарци и се осврна на бројните проекти кои се досега реализирани.

-Инвестиција е вредна не само за Кавадарци, но и за регионот. Станува збор за битна обиколница заради тоа што целата индустрија, одењето на работа на неготинци, росоманци и луѓе од другите општини е токму по овој пат. Тука го најдовме и регионалното значење на овој пат,  нагласи  Колев.