Македонија
22. јуни 2017 - 16:13

Заврши седмиот детски ликовен камп „АСНОМ“ во во Старо Нагоричане

Заврши седмиот детски ликовен камп „АСНОМ“, на кој учествуваа 40-тина ученици од основните училишта од Куманово.

Учениците изработија 150-тина дела во различни техники на кампот кој траеше три дена во комплексот „Етно село“ во Старо Нагоричане. Учениците и нивните ментори, професори по ликовна уметност денеска добија благодарници и признанија за учеството од градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјновски и организаторите, Фондацијата за култура и спорт.

Манифестацијата има за цел да го поттикне уметничкиот дух и креативноста кај децата и секоја година е се повеќе популарна меѓу младите уметници.

Директорот на Фондацијата Нино Величковски изјави дека досега на кампот учествувале голем број ученици од сите основни училишта во градот.

- Продукцијата е одлична, дел од овие ученици се креативни и ќе се запишат во средно и на факултетите за ликовна уметност. Тоа е нашата цел, да продуцираме квалитетни кадри, изјави Величковски. И дел од корисниците од двата дневни центри и годинава учествуваа на оваа манифестација.

Градоначалникот Зоран Дамјановски посочи дека општината ќе продолжи да вложува во уметноста.

- Станува збор за традиционален камп кој потврдува дека Куманово е препознатливо во ликовната уметност бидејќи во градот се оддржуваат бројни колонии. Делата ќе бидат понудени на продажна изложба, а собраните средства ќе бидат донирани на дневните центри. Кампот е извор на талентите од градот во ликовната уметност и ќе продолжиме да го поддржуваме, изјави Дамјановски.

Професорот по ликовна уметност Симона Јакимовска објасни дека учениците изминатите денови работеле на слободна тема, во различни техники, акрил на платно и скулптура.

- Ова се талентирани деца кои сакаат да работат и да учат нови техники, изјави Јакимовска.