Македонија
25. February 2016 - 14:02

Завршна работлиница на проектот за енергетска ефикасност на општините

Македонските општини преку подобрување на енергетската ефикасност може да ги намалат трошоците за општинското јавно осветлување за 15 до 50 отсто, кај административните објекти за 20 до 30 проценти и за околу 20 до 30 отсто кај пумпните станици за водоснабдување, покажуваат резултатите од проектот „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, чија последна работилница се одржа денеска во Скопје.

Општините имаат законска обврска да изготвуваат тригодишна програма  за енергетска ефикасност со која генерално ги дефинираат насоките за наредните три години, како и акциски планови што ќе се работи на полето на енергетската ефикасност во тековната година и извештај што е спрвоедено во претходната година, а со евентуалното влегување во ЕУ, согласно директивите на Унијата ќе имаат обврска да  ја подобрат енергетската ефикасност.

Токму во насока на правење на базата што треба и што ќе треба да направат општините за подобрување на енергетската ефикасност е и проектот, организиран од Консалтинг за стратешки развој во соработка со Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Во рамките на проектот во изминатите 18 месеци преку грант во износ од 250.000 долари, финасиран од Светска банка, општините Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман добија финансиска поддршка за изработка на различни документи важни за енергетската ефикасност, а техничка помош им обезбеди консултантската куќа Еконолер. Резултатите од проектот ќе служат како ресурс за сите македонски општини кои сакаат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност во општинските сектори.

- Овој проект практично треба да воведе нов начин како општините да известуваат за енергетската ефикасност и како да ги изготвуваат стратешките проекти. Преку него направивме обрасци  за тригодишни програми за енергетска ефикасност, образец за едногодишни акциски планови, како и обрасци за претфизибилити студии кои ќе им покажат колку  финансиски средства им требаат и колку ќе имаат добивка од мерките за енергетска ефикасност што ќе ги спроведат. Тоа се стратешки документи кои генерално ги дефинираат насоките за енергетската ефикасност за наредните три години, изјави директорот на Агенцијата за енергетика Александар Дуковски пред почетокот на последната работилница од проектот.

Тој посочи дека општините може да заштедат значајни средства преку подобрување на енергетската ефикасност.

Прокет менаџерот Здравко Стефановски нагласи дека целта им е да ги зголемат капацитетите на општините во Република Македонија за изготвување на документација за енергетска ефикасност.

- Направена е методологија за тригодишните програми според која се усвоени три сектори за кои сметавме дека се приоритетни, а тоа се објекти што се под административна управа, пумпни станции за водоснабдување и улично осветлување, заедно со сет од алатки кои ќе им помогнат на општините да ги соберат податоците, да ги обработат и да ги изготват тригодишните програми и акциските планови, изјави Стефановски.

Тој посочи дека целокупната документација што е изготвена во рамките на проектот ќе им биде достапна на сите македонски општини и ќе биде објавена на веб-страницата на Агенцијата за енергетика од каде ќе може да се симне заедно со алатките.

- Денеска е последната работилница во која ги запознаваме сите општини со она што е направено. Верувам дека ќе бидат многу побогати со сознанија за енергетската ефикасност и дека Агенцијата за енергетика ќе може многу подобро да им дава поддршка во изработката на неопходната документација и за решавање на проблемите со кои се соочуваат, рече Стефановски.

Во рамките на проектот подготвен е и прирачник кој чекор по чекор треба да ги води одговрните низ процесот на создавање ефикасна и остварлива програма за енергетска ефикансост и нејзина имплементација.