Завршни пораки на кандидатите за градоначалници
Кандидатите за градоначалници го истрчаа последниот круг пред второто одмерување в недела. Двајцата претенденти за менаџери на главниот Град, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ повикаа на масовна излезност и побараа поддршка од скопјани.
-Оваа кампања беше вистинска можност да се сретнам со граѓаните, не само во Центар, не само во Кисела Вода, туку и со граѓаните од цело наше Скопје. Да ги видиме проблемите со кои реално сите живееме години наназад, проблемите поврзани со нефункционалноста на јавните претпријатија, проекти коишто повеќе децении чекаат да бидат реализирани. Но не само проектите, граѓаните ги очекуваат сите нив. Но понудивме нов концепт и стратегија со кои Скопје заеднички ќе го менуваме наредните четири години. Јас сум среќен што Скопје е конечно будно, што скопјани се будни, и спремни за промени, рече Ѓорѓиевски.
-Ако сега не ја преземеме одлуката, тогаш ќе имаме и последици од тоа непреземање на одлуката. Но, ако еднаш сето ова што го чувствуваме 30 години го канализираме во конечна одлука, која ќе не стави во позиција воопшто да сонуваме и да размислуваме за еден подобар град, за една подобра држава и за едно подобро општество тогаш сметам дека храбриот чекор што се изискува од нас во недела, тогаш можеме и да го преземеме. Ако ние ја добиеме поддршката и победиме, тогаш нашиот фокус ќе биде на човекот, ние како градска власт ќе правиме се по желбите на нашите граѓани, рече Мециновиќ.
И кандидатите за Центар со заврши зборови. Актуелниот градоначалник Герасимовски вети реконструкција на улицата „50 дивизија“, кандидатот на ЗНАМ, Лабудовиќ рече дека ќе ја оправда довербата на граѓаните.
-Започнуваме со целосна реконструкција на улицата „50 дивизија“, со која улицата ќе добие современ, функционален и безбеден изглед. Проектот предвидува еднонасочно движење, ново коловозно решение со што ќе се подобри протокот на сообраќај, ќе се создадат резидентни паркинг места. Со проширување на тротоарите, поставуваме бариери против диво паркирање, ново ЛЕД осветлување и зеленило. Улицата станува поурбана, побезбедна и поквалитетна за секој граѓанин, рече Герасимовски.
-Овие пет недели заедно со членовите на Движење ЗНАМ, заедно со членовите на ВМРО-ДПМНЕ пкажавме дека сите заедно во заедништво можеме да застанеме рамо до рамо и да чекориме напред. Ќе ја оправдам довербата на граѓаните дека Центар за четири години ќе биде чист, зелен, урбан и безбеден, рече Лабудовиќ.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром побара неговите сограѓани да го покажат незадоволството кон актуелната власт.
-Резултатите од првиот круг јасно покажаа дека во Аеродром постои големо опозициско расположение. Граѓаните испратија порака дека сакаат промени, дека се уморни од застојот, ароганцијата и самоволието на локалната власт. Сега е моментот тоа незадоволство да го претвориме во одлучна волја за промена. ГИ повикувам сите граѓани без разлика на партиска припадност да се обединиме и масовно да излеземе на гласање на 2 ноември, да го покажеме нашето единство, нашата решеност и нашата верба во подобра иднина, рече Трајаноски.
Од вечерва на полноќ стапува предизборниот молк, кој ќе трае до завршување на гласањето в недела во 19 часот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
