Македонија
7. April 2024 - 16:35

Здравствените работници утре на протест пред министерството за поголеми плати

„Здравството на протест за плати”. Под овој слоган здравствените работници од јавното здравство утре ќе протестираат пред министерството за време на паузата од 10 -10.30 часот. Во останатиот период болниците и клиниките ќе работат нормално. Од двата најголеми синдикати, гранковиот за здравство при ССМ и синдикатот на клинички со подршка на КСС велат дека целта на протестот е да испратат две пораки.

- Прво ќе искажеме незадоволство зошто не се потпиша анексот на колективниот договор пред распишувањето на изборите со кој требаше здравствените работници да имаат поголеми плати веќе со мартовската плата и повик за потпишување на анексот веднаш по формирањето на новата Влада со корекција на претходно договорените коефициенти, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита при ССМ.

Организаторите на утрешниот протест ќе упатат и предлог до политичките партии во овој предизборен период да седнат на заедничка маса и да ги слушнат барањата на здравствените работници преку синдикатите пред се за поголеми плати и подобување на условите за подобро здравство.