Македонија
24. March 2024 - 16:56

Здравството се уште со решенија само на хартија!

Дведецениски проблеми во здравството останаа само приоритети на хартија на повеќе министри

Сообраќајниот хаос во Kлинички го решаваа сите, но и денеска ниту трага од најавуваните катни гаражи. Уште во 2013 година, тогашниот министер Никола Тодоров ветуваше нивна изградба и беше изработена и физибилити студија која прво ја презентираше пред бизнис заедницата. Но наместо тоа, подоцна потпиша договор за нов клинички центар за кој никогаш не беа удрени темелите.

5 години после Тодоров, Филипче речиси убеден дека ќе го реши хаосот со паркинг места на Kлинички.

-На плацот кој беше предвиден за градба за кратко време, се надевам дека ќе успееме да направиме и монтажна катна гаража, со што ќе го олесниме протокот на возила во рамки на сегашниот Клинички центар, изјави Венко Филипче (09.03.2018)

Краткото време на Филипче стана долгогодишно одолговлекување. Со сериозна најава дека сообраќајниот хаос ќе биде решен најави и Фатмир Меџити на почетокот на неговиот мандат. 

--Се консултираме со сите чинители, со сите страни и мислиме во најбрз можен рок тоа да го решиме, изјави Фатмир Меџити (08.03.2023)

Повеќе од 15 години нема и нови лекови на позитивната листа. Ако Тодоров и Филипче не успеаја со нивните комисии, Беким Сали беше убеден дека во пролетта 2023 ќе има нова терапија. 

-Јас би сакал тоа да биде побргу, но листата не е променета многу одамна. Ние сме во комуникација со сите компании и добавувачи на лекови, изјави Беким Сали (22.10.2022)

Се смени правилник, се формираше Комисија, но Сали не успеа бидејќи замина од функцијата. Неговиот наследник Меџити ветуваше дека граѓаните ќе добијат нови лекови, но и неговиот приоритет остана на хартија. 

Во оваа низа на нерешени проблеми е и вработувањето на здравствените работници со договор на дело, како и профункционирање на онколошки центри низ државата за да не водат сите патишта само на Клиниката за онкологија.

Уште малку ќе почне предизборната кампања за парламентарните избори. Сите партии во програмите ќе имаат сериозни проекти за здравствениот систем. Но дали и тие ќе останат само дел од предизборието...