Македонија
7. јуни 2017 - 11:40

Здружението за култура и уметност ФРУ на конференции во Љубљана и Белград

Здружението за култура и уметност ФРУ - Факултет за работи што не се учат  (Битола/Скопје) деновиве има две меѓународни  претставувања - на „Flanders Balcan Express Caravan“ денеска во Љубљана и на 9 јуни во Белград на интернационалната конференција „Времиња на отпор“.

Ивана Васева, кураторка, и Филип јовановски, визуелен уметник и граѓански активист денеска во Љубљана ќе зборуваат за условите на продукција на уметност како и начините во кои современата независна културна сцена успева да преживее во време на политичка криза со фокус на фестивалот за современа уметност АКТО. 

Тие ќе учествуваат во панелот „Уметноста и културата во време на националистички и неолиберални времиња“, каде ќе ги претстават последните изданија на нивниот долгогодишен проект АКТО - фестивал за современи уметности кои го курираат заедно, како и едукативнот кураторски проект на Васева „Совршениот уметник“.

На 9 јуни пак, во рамки на интернационалната конференција „Времиња на отпор“ во склоп на панелот „Низ целата Европа никнуваат нови движења, зошто? ќе зборува Филип Јовановски, со фокус на уметничкиот активизам и формите на отпор низ култура и уметност, и тоа низ примерите на Шарена револуција, референдумот во одбрана на Градски трговски центар „Го сакам ГТЦ“, како и неговиот долгорочен социјално-уметнички проект КУЦ (културно уметнички центар) Текстил-Штип.

Организатор на настанот е Центар за културна деконтаминација од Белград, која е една од најзначајните независни институции од областа на културата во Србија.