Зеленски ги повика европските партнери да ја забрзаат помошта за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од европските партнери да ги забрзаат испораките на ракети за воздушна одбрана по серијата тешки руски воздушни напади.
- Ова е клучна задача во моментов, не само за Украина, туку и за сите во Европа – изјави Зеленски во синоќешното видеообраќање. – Русите не смеат да се навикнат да веруваат дека нивните ракети и „шахеди“ на кој било начин им помагаат – додаде тој.
Зеленски претходно изјави дека системите за воздушна одбрана „Патриот“ не биле во можност да дејствуваат во јануари поради недостиг на муниција, пренесе ДПА.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, по консултациите на маргините на состанокот на НАТО во Брисел, доцна синоќа изјави дека Германија ќе обезбеди пет дополнителни наведувани ракети ПАЦ-3 (PAC-3) за системите „Патриот“ во Украина, доколку другите земји поддржувачи заедно придонесат со вкупно 30 ракети ПАЦ-3.
Писториус рече дека е оптимист оти целта „30 плус 5“ ќе биде постигната. Сите вклучени страни се свесни дека целта е да се спасат животи и дека се работи за денови, а не за недели или месеци, додаде тој.
Украинскиот министер за одбрана, Михаило Федоров, го опиша овој потег како многу добра иницијатива и истакна дека се очекуваат дополнителни ракети-пресретнувачи преку програмата за набавка на оружје ПУРЛ (PURL) на НАТО. Според шемата ПУРЛ (Prioritised Ukraine Requirements List), земјите на НАТО соработуваат за да купат одбранбена опрема од САД за потребите на Украина.
Руските напади со 25 ракети и повеќе од 200 дронови вчера предизвикаа тешки оштетувања на енергетската инфраструктура во Киев, Одеса и Дњепар.
Зеленски исто така изрази скептицизам во врска со разговорите планирани во САД за следната недела, чија цел е ставање крај на речиси четиригодишната војна. Тој рече дека Русија досега не дала цврст одговор на предлозите. Украина и Русија последен пат водеа преговори во Обединетите Арапски Емирати, со САД како медијатор.
МИА
Ново на Сител
-

Поскапуваат дизел горивата
-

Украден „голф“ кој бил паркиран со клуч на бравата - возачот удрил во маркет и повредил вработена
-

Кумановец сакал да откупи крипто валути, останал без 43.750 евра
-

МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково поради појава на сипаници кај овците и козите
-

Јаневска: Нема потреба од повлекување на законот за високо образование, нема многу забелешки, сите разумни ќе бидат прифатени
-

Зеленски: Следните мировни преговори ќе се одржат во Абу Даби на почетокот на март
-

Oткриен обид за шверцување 4.800 пакувања никотински кесички во вредност од 1,2 милион денари
-

Дала 2.700 евра а барала да се вратат 15 илјади евра, уапсена 53 годишна лихварка во Струмица
