Македонија
3. May 2026 - 16:44

Зголемен број на прегледи во дежурниот педијатриски пункт во Поликлиниката „Бит пазар”

Над 200 прегледи на болни деца за продолжениот викенд имале педијатрите во дежурнииот пункт на Здравствен дом - Скопје во Поликлиниката “Бит пазар”. Најчесто се работело за вирусни инфекции и алергиски реакции.

- Најголем дела од децата се на возраст од 2-5 години со полесна клиничка симптоматологија и со симптоми на акутни респираторни инфекции, вклучувајќи покачена телесна температура, кашлица, течење на нос, болки во грлото, главоболка...Овие симптоми се типични за овој период од годината, кога честите промени на времето придионесуваат за намален имунолошки одговор кај децата. Покрај тоа забелжан е и пораст на алергиски реакции кај децата од типот на алергиски ринит, алергиски конјуктивит, кожни промени... изјави д-р Каролина Ристова Стефановска, педијатар во Здравствен дом – Скопје и раководител на превентивна здравствена заштита.

Како да се направи разлика дали станува збор за вирусна респираторна инфекција или алергиска реакција?

- Во однос на симптомите кај вирусните инфекции, најчесто имаме потешки симптоми, во смисол на течење на нос, погуст секрет, болка во грло, една општа слабост, главоболка...Додека кај алергиите тоа се најчесто во смисол на една бистра водена секреција од носот, солзење и чешање на очите, кашлица која најчесто е со кивање. Постоа разлика и во времетраењето на симптомите, кај вирусните инфекции тоа е најчесто од 5-7 дена, додека алергиите траат додека е присутен алергенот. Затое е потребно детето да биде ставено на заштитна превентивна терапија, односно да има контрола на самите симптоми, објаснува д-р Ристова Стефановска.

Покрај со респираторни инфекции и алергии, во дежурниот педијатриски пункт лекарите деновиве третирале и деца со гастроинтестинални симптоми односно со повраќање, течни столици, стомачни болки.