Македонија
19. May 2023 - 21:15

Зошто 1000-ци скопјани, чии имиња на улици се повторно сменети мораат да трошат време за нови документи?

Илјадници граѓани заглавени во институционален лавиринт не по своја вина. Губат термини за да извадат лични документи и се шетаат од шалтер на шалтер, поради тоа што институциите не соработуваат. За променети имиња на улици, МВР ги праќа самите да извадат уверение од Град Скопје па потоа да дојдат по лични документи.  Вакви спорни улици според МВР се 185 од вкупно 486 објекти, плоштади и улици чии имиња се променети со одлука на Советот на Град Скопје. Министерот за внатрешни тврди дека тие не се надлежни да утврдуваат законитост на одлуките на градските власти и вината ја префрли во Град Скопје и Централниот регистар.

Од Град Скопје, пак велат дека бројката на спорни улици е многу помала. Тие тврдат дека само 45 имиња на улици се водат како такви.

-Согласно Одлуката променети се 486 инфраструктурни објекти, улици, мостови и плоштади. во Централен регистар се спроведени 441 промени затоа што како спорни се водат 45 имиња на улици, од кои за 33 Владата на РМ не дала согласност, а 12 не се спроведени од страна на Централен регистар со образложение дека не се недефинирани во одлуката.

За тоа кои имиња се спорни, одговор од владата не добивме.

Според информациите до кои дојдовме, дневно по речиси 1000 вакви барања пристигнуваат од граѓаните, кои иако недолжни доаѓаат сами на шалтер, трошат време, пари и пропуштаат термини а дополнително безпотребно ја отежнуваат и  работата на службите на Град Скопје.

Дека за сите промени се известени во МВР но и останатите надлежни институции, потврдија и од Централен регистар.

Централен регистар изврши промена на сите улици кои беа назначени во Пријавата за промена освен на 30-тина улици, кои иако беа во пријавата и ги имаше во Одлуката за промена на називи на Советот на Град Скопје сепак ги немаше во списокот на имиња за кои Владата на РСМ имаше дадено согласност. Тие улици на кои Централен регистар ги промени називите, согласно обврските кои ги имаме веднаш ги испративме до МВР, Завод за статистика и Катастар стои во одговорот.

Откако ќе извадат уверение, потоа граѓаните се задолжени да побараат и нов имотен лист што ги чини 300 денари. Од Катастар кој што е дел од синџирот на овој проблематичен процес за граѓаните, велат промена на адресен податок се прави по барање на странката, независно поради која причина. Во случајов, треба да се приложи уверението од град скопје.

За ова илјадници недолжни граѓани, чекаат со недели а во меѓувреме не се во можност да обноват лични карти, возачки дозволи, пасоши. Дополнително, рокот за задолжителна промена согласно преспанскиот договор ги притиска, а никој за проблемот не ги предупредува кога ќе се јават да закажат термин на телефонскиот број.