Македонија
26. September 2024 - 16:52

Албанија ги почнува преговорите со ЕУ, Македонија останува во европската чекална

Албанија ги почнува преговорите со Европската Унија во октомври- Македонија останува се уште во европската чекална. Иако истовремено добија зелено светло за старт на преговорите, со заедничка меѓувладина конференција во 2022 година, сепак патиштата ни се одвојуваат откако синоќа во Брисел едногласно беше донесена одлука од претставниците на ЕУ, Албанија на 15 октомври да ја одржи втората меѓувладина конференција во Луксембург.

Одлуката следи откако Грција го тргна ветото врз Албанија. За Македонија остануваат само пораките од Брисел, дека сме посакувани во Европската Унија. 

- Нашиот став е многу јасен, Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основи вредности“ што со Албанија и со Северна Македонија што е можно поскоро, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот, изјави Ана Писонеро.

Таа додаде дека „релевантни критериуми“ ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел на средба со претседателката Силјановска и другите лидери од Западен Балкан во Њујорк истакнал дека членството на земјите од регионот во ЕУ е на дофат, под услов да продолжат со спроведување на клучните реформи, но и носење храбри одлуки. 

Високиот претставник Борел ја потенцира важноста на добрососедските односи постигнати преку дијалог и компромис како суштински чекори кон интеграцијата во ЕУ. Лидерите мора да преземат храбри стратешки одлуки за да ги унапредат своите европски аспирации, истакнал Борел.

Одвојувањето на европскиот пат со Албанија, се должи на неисполнувањето на обврската на Македонија за измена на Уставот. Додека Албанија ги реши споровите со соседите, Македонија ќе чека подобри времиња, вели поранешниот амбасадор Васко Наумовски. Вели доколку се формира нова Влада во Бугарија, македонската Влада ќе се обиде да ги измени заклучоците и обврските преземени од претходната власт, до тогаш ќе работиме на внатрешните реформи кои се потребни за влез во ЕУ. 

Според Наумовски, почетокот на преговорите на Албанија може да се искористи на домашната сцена од албанските партии да се направи притисок за уставни измени. 

Албанија на втората меѓународна конференција во октомври, ќе го отвори првиот кластер Темелни вредности кој вклучува судство, правда, јавни набавки, статистика, безбедност и финансиска контрола.

Откако и Македонија и Албанија ја одржаа заедничката меѓувладина конференција во јули 2022 година започна скрининг во двете земји, но преговарачкиот процес беше сопрен- во Македонија поради неисполнувањето на условот за вметнување на бугарите во Уставот, а за Албанија поради блокадата од Грција, откако беше приведен кандидат за градоначалник на албанскиот град Химара, кој е етнички грк за поткуп на гласачи пред избори. Откако беше избран за европратеник од Грција и пуштен од притвор, Грција го тргна ветото.