Македонија
26. September 2024 - 16:44

Мицкоски за одлуката на Брисел: Ова е диктат, не дозволувам двојни стандарди врз грбот на Македонија

Брисел испрати лоша порака до македонските граѓани и ова не се европските вредности, туку диктат – вака премиерот Христијан Мицкоски ја оценува одлуката на Унијата Албанија сама да продолжи во следната фаза на интеграциите. Потврди дека во Брисел не бил прифатен неговиот предлог за уставни измени со одложено дејство, онака како што беше случај и со Преспанскиот договор. 

Мицкоски и посака успех на Албанија, но вели дека двојни стандарди врз грбот на Мкаедонија нема да дозволи. Внесувањето на Бугарите во Уставот не стои како усвлов ниту во Договорот за добрососедство.                                     

Опозицискиот лидер Филипче чија партија се согласи на преговарачката рамка, вели дека раздвојувањето на Албанија е тешок пораз на актуелната влада. Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервирале изборна измама и се обиделе да ја скријат дека немат никаков план.

И покрај вакавите информации, владата не отстапува и ќе се бара решение, вели вицепремиерот Меџити. Билатералниот проблем со Бугарија мора да заврши , за Македонија да продолжи напред, смета лидерот на БЕСА, Касами.  

Алијансата на Села смета дека Македонија и Албанија не треба да се раздвојат во заедничкиот процес. Вината била на владина коалиција на власт.

- Сега, за жал, по 100 дена од новата влада, стана јасно дека некој масовно ги излажал македонските гласачи ветувајќи дека ќе ги репреговара процесите, и ако денес нè остават во слободен пад, тогаш само што имате дадено подарок на анти-ЕУ линијата, Европа без Северна Македонија не е целосна!, пишува Кренар Лога на социјалните мрежи.

Од ДУИ пак реагираат дека ова било знак дека рокот за уставни измени истекувал. 

Претстојното отворање на преговорите на ЕУ со Албанија, јасно покажува дека просторот за одлучни чекори брзо се затвора.

Истекувањето на рокот за уставните измени е критичен момент. ДУИ секогаш била гарант на овој процес, и нема да дозволиме политички блокади  да ја попречат иднината на нашите граѓани, стои во партиското соопштение од Мала Речица.