Дејан Јованов-Деко, давал отпор и не соработувал со полицијата кога ќе затекнела малолетници во дискотеката
Сопственикот на Пулс, Дејан Јованов-Деко не соработувал со полицијата и се бунел кога ќе фателе малолетници во дискотеката. Во неколку наврати во 2023тата, полициски службеници во Кочани пронашле малолетници и ги отстранувале од Пулс, сведочеше денеска полицаец од ПС Кочани, во предметот каде се обвинети тројца полицајци од Кочани дека ја злоупотребиле службената положба. Деко одбил да соработува со нив, ниту се легитимирал, ниту им дал документи за фирмата.
При крајот на 2023, во полициска контрола во Пулс отстранивме две малолетнички од објектот, личните карти ги предадов на одговорниот Горан Лазаров. Тука почна да реагира сопственикот на Пулс, Дејан Јованов: Правете што сакате. Со него имавме дуел и од претходно за малолетници. Излеговме надвор од објектот бидејќи не сакаше да соработува со нас. Јас останав со малолетничките да ги повикаат родителите, а одговорниот изготви записник.
Кога одговорниот полициски службеник, Горан Лазаров кој е обвинет во предметот, му побарал на Деко документи за фирмата, тој не соработувал со нив и не им ги дал потребните документи, сведочеше полицаецот. Го знаеле Деко од град, дека е сопственик на Пулс и на кафулето Класик.
Доколку сопственикот одбие да им даде на полициските службеници тековна состојба на угостителскиот објект, тие бараат податоци од централен регистер и врз основа на нив се поведува прекршочна постапка, сведочеше Борче Иванов, кој работел како началник на на надворешната канцеларија за криминалистички работи во Кочани.
Според Обвинителството полициските службеници Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков се обвинети дека направиле неточни прекршочни пријави од спроведените контроли во дискотеката. Наместо да бараат оригинални документи, полицајците пишувале пријави на фирмата која усно им била кажана. Така според обвинителството, „Пулс“ одбегнала да ги плати прекршочните пријави за присуство на малолетници во дискотеката.
На денешното рочиште на местото на обвинителката Ивана Алексова Трајчева која го водеше предметот, но беше вратена во скопското обвинителство откако не и беше даден нов мандат, дојде обвинителката Спасенка Андонова.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
