Македонија
7. December 2025 - 16:33

Младиот кадар, најголем дефицит во комуналниот сектор

Јавните комунални претпријатија, во Македонија и регионот, се соочуваат со недостиг од квалификуван млад кадар.

Статистиката кај нас е поразителна, само 1 % од вкупно вработените се помлади од 35 години. За секторот да биде привлечен и примамлив за младите луѓе, АДКОМ оформи група од млади професионалци вработени во претпријатијата и на универзитетите.

- Комисијата има изработено операционен план за 2024-та до 2026-та година, каде стратешки ги имаме планирано нашите цели, нашите следни активности и нашите ангажмани кои помагаат за вмрежување на младите професионалци кои работат во секторот. Овозможува финансиска поддршка, запознавање на колегите од регионот и подобрување на квалитетот на услугите кои ги нудиме како комунален сектор, изјави Јасмина Бебековска, директорка на ЈКП „Еремија“- Вевчани и член на Комисија за млади професионалци при АДКОМ.

Со цел вмрежување, размена на идеи и добри пракси, АДКОМ организираше посета на Форумот и саем за води во Белград, каде младите професионалци од Македонија земаа активно учество во презентација на своите досегашни искуства.

- Мора да го направиме атрактивен комуналниот сектор за вработување на млад кадар, а сето тоа ќе го направиме со воведување на нови технологии, нови искуства и размена на знаења, изјави Виолета Ризова, геодетски инжинер во оператива, ЈП „Комуналец“-Кавадарци и потпреседател на Комисија за млади професионалци при АДКОМ.

Студентите кои студираат на некој од факултетите по природни науки и кои се компетентни за вработување во секторот, многу малку се запознаени со начинот на функционирање на јавните комунални претпријатија.

- Мислам дека младите не се упатени во тоа што се работи и колку труд треба да се вложи за успешно да се сработи. Сметам дека ЈКП-ја треба да преземат некои понапредни чекори за подобра себепромоција, за на идните генерации им овозможат да сфатат колку е важно денес да се занимаваат со водата и нејзиното пречистување,  изјави Сања Васиљевиќ, ПМФ, Нови Сад, претседател на Комисија за млади професионалци при УТВСИ, Србија.

АДКОМ, преку активната мрежа на млади професионалци, ја поттикнува модернизацијата и видливоста на комуналниот сектор за да го доближи до идните генерации. Овие иницијативи треба да создадат услови младите да го препознаат секторот како професионална можност со значајна општествена улога.