Македонија
7. December 2025 - 16:34

Потребно е итна реформа на студиските програми според потребите на пазарот на труд

Потребно е итна реформа на студиските програми според потребите на пазарот на труд и потребите на нашите компании доколку младите сакаат вработување веднаш со самото завршување на факултетот. Бизнисот нема време да обучува кадар, а младите пак немаат време да работат без пари, токму затоа на Економскиот факултет во Прилеп се одржа форум на кој се изнесе истражувањето и мислењата на над 100 компании за тоа кои знаеања и вештините треба да ги поседуваат студентите на Економскиот факултет.

„Клучните компетенции се: практичната работа, соработката на реални проекти, реализации на студенстки пракси и еден похолистички пристап на целосната работа на студентите заедно со бизнис заедницата. Спроведување на реални истражувања“, вели Никола Тумбовски, студент на Економски факултет Прилеп.

„Соработка мора да има бидејќи излегуваат студенти кои не се спремни веднш да започнат со работа, недостасуваат вештини и тоа не само вештини од типот на тимска работа туку поголем сет на вештини и компетенции кои мора да ги поседуваат за да може да се вработат. Значи знаењето да е предуслов за вработување, но студентите мора да имаат нешто повеќе“, додаде Катерина Кимовска Геровска, ИТ компанија.

Според ректорот  УКЛО Битола овој Форум за интензивирање на соработката со бизнис заедницата, студентите и факултетите е пионерски чекор кој конечно ќе стави крај на децениското незадоволство на бизнисот од пралтичните вештини на студентите и ќе претставува конкретен чекор кон менување на студиските програми.

„Претставници на работодавачите, нашите алумни кои работат во тие компании, професорите и студентите седнале на маса, гледаат предмет по предмет, студиска програма по студиска програма што недостасува го модификуваат, со цел при наредната акредитација да го вклучат“, рече Игор Неделковски, ректор на УКЛО-Битола.

„Сметам дека само на тој начин можеме да го зголемиме квалитетот на високо образовната понуда на факултетот односно да креираме студиски програми во согласно со реалните барања и очекувања на пазарот на труд“, потенцираше Татјана Спасеска, декан на Економски факултет Прилеп.

Во оваа насока годинава бизнис секторот одобрил 30 стипендии за бруцоши за упис во прва година на Економскиот факултет. Вакви форуми ќе се организирале и на други факултети во состав на УКЛО Битола.