Народната банка со нови прогнози за инфлацијата, можно зголемување на каматите
Нови, нагорни проекции за инфлацијата, а надолни за економскиот раст подготвува Народната банка. Ќе ги презентира неделава. Војната на Блискиот Исток го наруши снабдувањето со нафта во светот и ги вивна цените на енергенсите, што се одрази врз домашната економија, особено врз девизниот пазар и нивото на цени.
Иако за сега Централната банка ќе ја задржи референтната камата на исто ниво од 4 отсто, ако инфлацијата е повисока – ќе следи нејзино зголемување, заклучи Извршниот одбор на банката.
Во моментов, трошоците за живот се повисоки од проектираните и заедно со повисоките увозните цени, создава нагорни ризици за досегашната проекција од 2,5 отсто, се наведува во соопштението на банката. Се очекуваат и повисоки берзански цени на енергенсите и храната во следниот период, што упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност, наведува Централната банка.
За два дена и државната статистика ќе ги објави бројките за инфлацијата во април. Премиерот очекува да биде помеѓу 4,5 и 6%, слична како во соседните земји.
- Следам кај нашиот источен сосед инфлацијата е над 6%, Хрватска е тука некаде, помеѓу 5,5 и 6%. Кај јужниот сосед е помеѓу 4,5 - 5%. Така што, во тие рамки очекувам да биде и кај нас инфлацијата, но важно е да се види за основните прехранбени производи како ќе се движи месечната инфлација споредено со март. Она што го правиме со Државниот пазарен инспекторат, не очекувам таа да биде повеќе од 1%, зборувам за месечната инфлација во однос на март месец, рече Мицкоски.
Опозицијата пак, смета дека трошоците за живот од ден во ден стануваат повисоки, а граѓаните посиромашни. Затоа побараа владата да воведе таргетирани мерки за ранливите граѓани.
- Премиерот одбива да воведе било какви мерки за било која категорија на граѓани, ранливи категории, пензионери, студенти, земјоделци. Истовремено одбива да ја зголеми минималната плата. Синдикалната кошничка значајно поскапе изминатиот период. За април е скоро 69.000 денари. За четири месеци е зголемена за 3.300 денари. Сѐ е поскапено, буквално сѐ, а граѓаните се сѐ посиромашни, рече Филипче.
По стабилизација на инфлацијата од почетокот на годината, војната на Блискиот Исток ја подгреа во март. Статистиката измери 4,9%, додека владините проекции за оваа година изнесуваа 2,5 отсто со економски раст од 3,8%.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
