Насилен упад во редакцијата на Инфомакс, напаѓачот е приведен, здруженија и партии бараат најстрога казна
Нападнати новинарите на Инфомакс доцна синоќа додека воделе емисија во живо.
Лицето најпрво почна да навредува, да се заканува по живот за потоа да ја скрши вратата од дворот која е со шифра, а потоа ја скрши и влезната врата од студиотo каде се обиде физички да се пресмета со присутните“, објави Инфомакс.
Од МВР утрово информираат дека лицето е приведено веднаш по добиената пријава.
Според полицијата се работи за 43 годишен скопјанец за кој е утврдено дека има здравствени проблеми поради кои бил лекуван во психијатриската болница Бардовци
Против напаѓачот ОЈО СКопје веќе поднесе кривична пријава за насилство и попречување на службено лице во вршење службено дејствие. Се бара мерка притвор, а со оглед на неговата претходна здравствена состојба, во текот на постапката ќе биде наредено и психијатриско вештачење на осомничениот.
Инцидентот утрово најостро го осудија и Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Нивниот став е дека нападите врз новинарите и медиумските работници, а особено напади директно во редакции претставуваат сериозна закана за слободата на изразување и правото на граѓаните да бидат информирани. ЗНМ и ССНМ бараат итна реакција од институции и најстрога казна за напаѓачот.
Ваквите инциденти се неприфатливи и претставуваат закана за основните демократски вредности кои треба да се заштитуваат и промовираат, стои и во осудата на ВМРО-ДПМНЕ.
Без оглед на разликите во ставовите или уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување, велат од владејачката партија од каде ја поздравуваат брзата реакција на полицијата.
Лидерот на СДСМ пак вели дека нападот е испровоциран од повиците за насилство што доаѓале од претставници и симпатизери на власта.
Со измени на Кривичниот законик, нападот врз новинари и медиумски работници, како и попречување на нивната работа за известување на јавноста, се третира како напда врз службено лице, за што е предвидена казна затвор од 3 години.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
